АктуелноЛокално

На локалитетот Мали Дол во с.Тремник, Неготино пронајдени наоди од крајот на бронзенто време

Овогодинешните истражувања на локалитетот Мали Дол, с. Тремник кај Неготино се изведуваат во две фази: првата фаза беа истражувања на простор од околу 20м2 во периодот од 20.05 до 10.06.2023 година, кога беа откриени 8 погребувања, и тоа две погребувања во урни и една јама од периодот на крајот на доцното бронзено време, и две цисти и 3 јами од средновековниот период.

Во втората фаза која ќе се одвива во периодот од јули до октомври 2023 година, ќе се обработува движниот археолошки материјал и ќе се изведуваат радиокарбон и антрополошки анализи на материјалот. Целта на овие истражувања е да се утврди дали постојат разлики кај покојниците во однос на нивниот социјален статус, преку гробните форми и позицијата на гробовите во рамки на некрополата, да се утврди густината и распоредот на гробовите на овој дел на некрополата, како и да се направат радиокарбон анализи за утврдување на староста на скелетните покојници – инхумации и да се направи антрополошка анализа на новооткриените погребувања

Некрополите на Мали Дол во с. Тремник, Неготино се откриени во 2009 година. Археолошкиот музеј на Македонија во соработка со Музеј на град Неготино систематски истражува повеќе од една декада на простор од околу 500м2 и досега се откриени 92 погребувања кои припаѓаат на два хоризонти, кои имаат различен оптег на дисперзија во просторот во различни временски периоди. Постар хоризонт, односно некропола која егзистирала во доцното бронзено време и раното железно време и помлад хоризонт, односно некропола од средниот век (13-11век).

Локалитетот во континуитет претрпува мали оштетувања поради континуираната земјоделска активност на просторот кој се истражува и истражувањата во целост имаат заштитетен карактер. Во 2021 година беа направени снимања со георадар на просторот кој не е истражен со што веќе е одредена динамиката со приоритет на истражувањата.

Првенствено, улогата на овие ископувања е да се заштити некрополата од нејзино оштетување со земјоделските активности на просторот, а потоа и да се одреди нејзиниот карактер, да се дефинира изгледот, големината, да се утврди нејзината позиција во однос на соседните локалитети (на пр. населбинските остатоци на локалитетот Чаир Рид) и поставеност во просторот, односно да се одреди целосно просторот на нејзиното протегање. Во овогодинешната кампања учествуваа д-р Александра Папазовска – раководител на проектот, м-р Александра Чевреска, Никола Хаџи Николов, Гордана Младеновска, Илија Бошковски, Стојанче Атанасов, Костадинка Филипова – археолози и д-р Фаница Велјановска – антрополог.