Турскиот фактор на Транскавкаската политика – Тркалезна маса на Центарот за геополитички експертизи во Москва
- Пишува: Тодоровски Дарко – Магистер по меѓународни односи и воен аналитичар
Во Москва, во просториите на Центарот за геополитички експертизи, 2-ри јуни се одржа тркалезна маса за улогата и влијанието на Турција на Кавказот, предностите и минусите, геополитичките оски и вектори на развојот на Јужен Кавказ, цивилизациските фактори на влијанието на турскиот свет, судирот помеѓу Русија и Западот на Кавказот, религиозниот фактор, улогата на христијанството, како и за евроазискиот проект за Јужен Кавказ.
На тркалезната маса присуствуваа експерти, аналитичари, новинари од Русија, Турција, Азербејџан, Ерменија, Грузија, Австрија, Македонија и Бугарија. Тркалезната маса ја отвори директорот на Центарот за геополитички експертизи, Валериј Коровин, кој што истакна дека „Западот сака да активира неколку конфликти на Кавказот, се со цел да го одвлече вниманието на Русија од Украина, и да не и дозволи на Русија сите свои сили и ресурси да ги насочи во Украина.“ Според Коровин, победата на Ердоган во Турција е важна за зачувување на мирот на Кавказот, и дека Русија и Турција, заедно со Иран, ќе го менаџираат мирот и просперитетот на Кавказот.
Според Перинчек Мехмет, политиколог и научник од Турција, помеѓу Русија и Турција постои железен закон. Тој во својот труд (извештај) објави „Кога Турција и Русија соработуваат, тие имаат заеднички интереси, обезбедуваат мир во нивните региони, а кога војуваат, и двете страни губат а корист има Западот. Турција и Русија се бореа помеѓу себе на Кавказ во Првата Светска Војна, загинаа многу војници, но ниту една од двете држави не го доби тоа за што се бореше, напротив, се распаднаа Руската и Отоманската Империја. Како резултат на тоа, Британците, Французите и Американците ја ставија територијата на Јужниот Кавказ под своја контрола. Така беа предизвикани нови конфликти на Кавказот. Но Црвената армија и турската војска успеаја заеднички да ги протераат Западните држави и да ја тргнат таа бариера. По распадот на СССР, Турција одигра позитивна улога во плановите на САД, што беше спротивно на турските национални интереси. После неуспешниот државен удар во 2016 година Турција де факто стана цел на НАТО.
Резултатите од изборите покажаа дека Турците не ги поддржуваат проамериканските сили и покрај грешките на Ердоган, особено во економска смисла. 80-90% од Турците ги сметаат САД за непријател на Турција, а Русија и Кина како главни потенцијални партнери. Ердоган мора да направи стратешки избор и да се откаже од политиката на рамнотежа бидејќи тоа носи проблеми за Турција. Западот го загуби влијанието врз прашањето на Карабах. Владата на Пашинјан, кој што дојде на власт со помош на Сорос и поддржана од Западот, почна да нуди разумна позиција по конфликтот со Азербејџан. На Кавказ има само еден конфликт, и тој е создаден од Западот. Економската интеграција ќе донесе само придобивки и ќе влијае на мирот во регионот.“
Манафов Елшан, политиколог од Азербејџан во својот труд (извештај) изјави дека „Баку направи многу за да обезбеди безбедност, мир и проширување на културните и економските врски на народите од Кавказ. Турција уште од времето на Отоманската империја има влијание врз настаните на Јужен Кавказ. Но младотурците беа продолжена рака на англосаксонците. Со поддршка на Советска Русија, Турција успеаја да ја одбрани својата независност. После Втората Светска Војна Анкара беше под капата на атлантистите – Турција прифати учество во Корејската војна, и се приклучи кон НАТО. За време на Студената Војна во Турција немаше Евроазиската политика, затоа што односите со СССР беа затегнати.
По распадот на СССР, преку Турција, Западот сакаше да влијае врз настаните на Кавказот. Но Ердоган донесе значителни промени. Тој ги смири односите со исламистите. Ердоган беше поврзан со ова движење. Турција под Ердоган го започна проектот Туран, туранскиот проект преку етничкиот фактор, хуманитарни, економски и религиозни проекти на Кавказот и во Централна Азија. Приближување на Турција кон Руската Федерација, беа потпишани голем број договори во однос на воени, нуклеарни, енергетски планови. Турција беше индиректно поврзана со ерменско-азербејџанската војна. На крајот на краиштата, таа има свои интереси на Кавказ. Пашинјан е подготвен да го признае суверенитетот на Баку во Карабах. Главната задача и проблем е потпишувањето на мирот меѓу Баку и Ереван. Најважното достигнување е улогата на Руската Федерација во смирувањето на конфликтот. Војната која денес ја води Русија, не е војна помеѓу Русија и Украина, туку со Западот, и ова војна за создавање нов светски поредок.“
Бабухајан Хајк, политиколог од Ерменија во својот труд (извештај) изјави „Турција се уште е членка на НАТО и нема да излезе од НАТО. Преку уништувањето на Карабах НАТО ќе изврши притисок врз Русија, нема да има потреба од руски мировници во Карабах, и нема да има руски воени бази ни во Карабах ни во Ерменија. Со уништувањето на Карабах се дозволува влез на НАТО во кавкаскиот регион. Идеологијата на нео-отоманизмот е основата на турскиот проект Туран. После воената победа на Азербејџан во војната во Карабах, Турција буди еуфорични чувства во однос на проектот Туран. Неопходно е да се отворат коридори за економски развој Азербејџан-Ерменија-Русија и Азербејџан-Турција. Ако тие коридори се под покровителство и контрола на Руската Федерација, тогаш се ќе биде добро и избалансирано.
Ахпаиџе Шота, политиколог од Грузија во својот доклад изјави дека „Турција влијае преку политички, верски, етнички и национален фактор на Кавказот. Турција е дел од НАТО, но не е дел од ЕУ. Турција долго време сакаше да влезе во ЕУ, но ЕУ неколкукратно ја одби Турција. Турците не беа прифатени поради тоа што се од друга религија и култура. Турција денес не сака во ЕУ. Турција и е потребна на западот како мост за спроведување на своите интереси на Кавказот и на Блискиот Исток. Грузија ја има истата улога. Религиозниот фактор има многу силно влијание врз турскиот салафизам, но тој е различен од арапскиот. Турскиот е повеќе политички, носи повеќе со себе експанзионен карактер, додека арапскиот е поодбранбен. Економското влијание на Турција е големо, има дури и економско проширување. Грузија не е индустриска земја. Грузија стана голем пазар за турски производи, но сега има намалување на економското влијание, се зголемува руското влијание. Тбилиси болно ја прифаќа продажбата на стратешки економски објекти на Турција. Неоотоманизмот е етнонационален идеолошки фактор. Религијата не се разгледува.“
На крајот на тркалезната маса сите учесници се согласија дека Русија и Турција треба по секоја цена да го спречат продорот на Западот, и на неговите структури НАТО и ЕУ на Кавказот, за да се спречи нарушувањето на балансот и да се избегнат нови војни и конфликти. Русија и Турција заедно можат да му донесат на регионот стабилност и просперитет.