Промоција на книгата „Јанко Николовски-поетика живота“ од Жељко Руговиќ во КИЦ

Утре 09.06.2023 година (петок ) со почеток во 19 часот во Културно информативен центар – Скопје, Салон 19:19 ке се одржи промоција на книгата „Јанко Николовски-поетика живота“ од Жељко Руговиќ.

Книгата која е издадена 2021, во издание на „Комуна“ е посветена на новинарско – научниот труд на Јанко Николовски, македонски новинар, теоретичар на културата и политика на медиумите, есеист, интелектуалец и автор на забележани книги и дела од областа на слободата на изразување и слободата на пристап до информации.

Книгата е збирка на текстови од страна на регионални интелектуалци, професори, теоретичари на медиуми и пријатели на Јанко Николовски, кои во подолг временски период со него стручно соработувале во оквир на тематски проекти посветени на слободата на изразување, посебно во оквирот на проектот “Медиумски дијалози”. Автори на текстот, меѓу другите се: проф. д-р Ратко Божовиќ, проф. д-р Ведада Бараковиќ, проф. д-р Лилјана Булатовиќ, д-р Зулфо Ахметовиќ и други.

Книгата од различни аспекти го осветлува ликот, делото и научниот допринос на господинот Николовски, инаку искрен посветеник и вљубеник во историјата, културата и природните убавини на Црна Гора.

Во книгата се содржани и негови научно – културолошко есеистички текстови кои ги објавувал како во научните списанија (Медиумски дијалози и Медиумска култура), како и во печатените медиуми во Црна Гора.

Јанко Николовски ја вршел и должноста на Програмски директор на регионалната награда на Земјите од западниот Балкан, Дијалогос, втемелени во Црна Гора, поради исклучителниот придонес во научно истражувачката работа во областа на слободата и културата на медиумите.

За книгата ќе говорат коавторот на книгата, м-р Жељко Рутовиќ, во име на издавачот на списанието “Комуна” нејзиниот директор и главен уредник, м-р Амер Рамусовиќ, Драган Митов Ќуровиќ, генерален секретар на Друштвото на новинари од Црна Гора, а и адвокатот и пријател на Јанко Николовски, Нико Поленак од Скопје.

На присутните, од име на семејството на Јанко Николовски ќе им се обрати неговата ќерка, професорка по германски јазик, Цветанка Николовска Гегај.