Правото на годишен одмор не значи и право на патување заради одмор

  • Фејсбук статус на Никола Петров

Денес во 21 век, 2023 година, правото на работникот по своја волја да си располага со сопственото слободно време, во кое влегува и годишниот одмор, е ограничено и условено. Иако Меѓународните конвенции, Уставот и законите го штитат правото на годишен одмор, кој изнесува минимум 21 работен ден, се поставува прашањето: дали сите работници го уживаат ова право?!

Но, кога зборуваме за годишен одмор, не мислиме само на 21 ден ослободување на работникот од работните обврски кај работодавачот, туку и на можноста да патува, односно да се вклучи во туристичките текови. Работникот станува турист, тогаш кога минимум 24 часа ќе го напушти своето место на живеење и при тоа ќе потроши одредена сума на финансиски средства.

Колективното користење на годишен одмор е еден од факторите кои го оневозможуваат работникот сам по сопствена волја да си располага со своите денови на одмор. Како што знаеме, во неолибералниот капитализам, голем дел од фабриките во државата се во сопственост на странците. Голем број на конфекции и други фабрики, во сопственост на германски и грчки инвеститори, користат колективен годишен одмор во шпиц на туристичка сезона најчесто од крајот на јули до 20 август.

Работниците во тие фабрики со лични примања од минимална плата до 25 илјади денари, не можат да се стекнат со правото на патување во туристичко место заради одмор и рехабилитација на сопственото тело, заради високите цени на аранжманите и пребукираноста во туристичките дестинации. Иако летната туристичка сезона започнува од мај и трае до октомври, па според тоа на почетокот и крајот на сезоната цените за летување се доста поволни, овие работници се приморани да користат колективен годишен одмор во шпицот на сезоната кога цените се највисоки.

Овој феномен на колективен одмор кој претставува голем проблем за работничката класа, најмногу за работниците вработени во текстилната индустрија, никој до сега го нема јавно и институционално проблематизирано.

Правото на годишниот одмор не е само право на ослободување од работните задачи, туку и можности за патување на работникот во одредена туристичка дестинација, додека колективното користење на одмор го редуцира тоа право.