Продолжуваат археолошките истражувања на најстарата неолитска населба – локалитет Влахо кај Живојно (Пелагонија)

Продолжуваат истражувањата на археолошкиот локалитет Влахо кај Живојно (Пелагонија), а кои даваат одлични резултати за едни од првите земјоделски заедници во Европа. Мултидисциплинарните истражувањата  вклучуваат археолошко ископување во јужниот дел на оваа голема неолитска населба, геомагнетно скенирање на северната периферија, како и археоботанички, археозоолошки и хронолошки анализи кои се одвиваат во лабораториски услови. 

Овогодишните ископувања во археолошката сонда го потврдуваат автентичниот карактер на оваа импресивна предисториска населба, а во коja се открија повеќе правоаголни и овални градби, ровови, структури, врвно изработена керамика и алатки од камен и коска. Некои од откриените архитектонски структури претставуваат уникатна појава во македонскиот неолит, што дополнително го потврдува раното населување на земјоделските заедници во овој регион и нивната врска со популациите од Анадолија и Блискиот Исток. Најновите сознанија од радиокарбон анализите на градинарски култури и животни, посочуваат дека локалитетот Влахо е формиран околу 6400-та година п.н.е. што воедно го прави и една од најраните неолитски населби во Европа. Со тоа се потврдува дека уште во најраните почетоци на неолитот се присутни доместицирани форми на житарици, леќа, грашак, говеда, овци, свињи итн. Пронајдените артефакти дополнително ги потврдуваат високите технички дострели на жителите на оваа неолитска населба што се рефлектира во импресивните керамички садови и нивното декорирање. 

Поради својата уникатност во рамки на просторната организација сочинета од десетина ровови, како и поради мошне раното датирање, локалитетот Влахо предизвикува големо внимание во светската археолошка јавност, што резултира со публикации во еминентни научни списанија и предавања на повеќе европски универзитети.

Најновите откритија при овогодишните истражувања уште повеќе го потенцираат уникатниот карактер на археолошкиот локалитет Влахо, а кои следната недела ќе бидат претставени на предавање на Слободниот универзитет во Берлин.