Левица: Уставните измени се правна рамка за бугаризација на Македонија
- Реакција на Политичката партија Левица
Антимакедонската власт на СДС и ДУИ, заедно со нивните западни партнери продолжуваат да го множат македонскиот народ со нула, туркајќи уставни измени за кои против се изјаснуваат над 80% од Македонците. Со закана дека добри односи со НАТО и ЕУ Македонија може да има само со Бугари во Уставот и со манипулации дека таквите измени се „технички“, а не суштински, се релативизира уште едно национално предавство!
Левица уште еднаш предупредува на далекусежните правни последици од уставните измени, на кои нашиот источен сосед со иредентистички и асимилаторски намери кон Македонија жестоко инсистира. Ова е од причина што со внесувањето на „самоосвестените“ македонски Бугари во Уставот на Република Македонија, покрај финансирањето на великобугарска пропаганда со народни пари, Бугарија добива и правна рамка за своите понатамошни уцени и барања за законски измени со кои би се спроведувала бугаризација на Македонија.
Македонскиот народ има право да знае дека уставните измени ќе претставуваат правен основ за Бугарија во текот на преговорите за влез во Европската унија да бара од Македонија:
-измена во Законот за празниците на Република Македонија, со цел прогласување за празник и неработен ден за припадниците на бугарската заедница – 3 март, денот на потпишувањето на Сан Стефанскиот договор, со кој територијата на Македонија требало да припадне на Бугарија;
-обезбедување задолжителни пратенички места за припадниците на заедниците, со што Бугарски националшовинисти по автоматизам би се стекнале со пратенички имунитет и слобода од собраниска говорница да го негираат македонскиот идентитет и да шират бугарска иредентистичка пропаганда во законодавниот дом на Република Македонија;
-зголемување на квотите за вработување во државните институции за припадниците на заедниците, со што изјавувањето на бугарската етничка припадност би било услов за вработување во државни инсититуции и извршување функции.
Ваките намери на Бугарија ги обелоденија и бугарските европратеници преку амандмани на нацрт извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија, преку кои бараат Европската унија да ја потврди потребата не само од уставни измени, туку и од законски измени за промоција на бугарската заедница во Македонија.
Левица останува најголем сојузник на македонскиот народ против ова национално предавство на квислиншката СДС и жестоко ќе се спротистави на уставните измени наложени од Бугарија!