Договорот за жито – За доброто на човештвото или обична измама во режија на Западот
- Пишува: Тодоровски Дарко – Магистер по меѓународни односи и воен аналитичар
Војната во Украина одамна се претвори во глобален конфликт на изморување, каде што е важно секое зрно пченица и житни култури, како што е важен и секој куршум и артилериска граната. Договорот за жито е дел од тој глобален конфликт, каде што разни играчи имаат различни интереси и цели. И покрај тоа што Русија постојано изјавува дека не се почитува Договорот за жито и дека не се исполнуваат руските барања, Москва направи уште еден чекор на добра волја за доброто на човештвото и спречување на светската прехранбена криза, а Ердоган 17-ти мај 2023 година победнички изјави дека Договорот за жито, од кој што најголем добитник е Турција, е продолжен за 2 месеци.
Заедно со група новинари од Етиопија, Италија, Турција, Иран, Србија, Босна и Херцеговина односно Република Српска, Црна Гора бев дел од екслузивна прес тура во Херсонската област и Крим, која што беше поврзана со Договорот за жито, и со животот на земјоделците во Запорожје.
Возејќи се по расширен и реконструиран модерен пат (за разлика од минатата година кога истиот беше во ужасна состојба), низ прозорците на автобусот гледав сиромашни села каде што животот тече нормално, бескрајни полиња посеани со разни житни култури, и моќни трактори како ги ораат плодните ниви, и со исклучок на големиот број на контролни воени пунктови и руски воени колони, немаш чувство дека се наоѓаш во воена зона. Во Запорожската област практично не се воделе воени дејства и тешки борби за разлика од Донбас. Во Мелитопол, градот на медот, ситуацијата е спокојна, има голема раздвиженост на луѓе по улиците, но и доста полицајци и војници, храмовите на знаењето – школите и универзитетот во Мелитопол работат, во универзитетот во Мелитопол во моментов студираат 10 000 студенти, комуналните служби се грижат за чистотата во градот, и најголем дел од продавниците и маркетите во градот се отворени и во нив може да се пазарува само во рубљи, за разлика од минатата година кога можеше да се пазарува во рубљи и во гривни.
На улиците на градот има голем број на ученици и студенти, како и воени кадети, а во школите и во државниот универзитет наставата се врши на украински и на руски јазик. За разлика од Украина каде што Зеленски со закон го забрани рускиот јазик, руската култура, историја, православната црква, на Донбас, и во Запорожската област, и во Крим, може слободно да се изучува украинскиот јазик, а во Крим државни се три јазици, односно рускиот, украинскиот и татарскиот, и тоа многу зборува.
Тоа што паѓа во очи е дека Запорожската област уште наликува на ничија земја, Русија уште се нема целосно зацврстено и интегрирано таму, а Украина целосно не заминала од регионот. Патната сигнализација, информационите табли, како и продуктите во продавниците се на украински јазик. Има луѓе кои што се среќни што се дел од Русија, има такви кои што сакаат конфликтот што побрзо да заврши и животот да се врати во нормала, а има и такви кои што се надеваат дека Украина повторно ќе се врати во Запорожската област.
Најважна економска гранка на Запорожската област е земјоделството, односно житните култури. Во Мелитопол имавме можност да се сретнеме со официјалните лица на воено – граѓанската власт, со губернаторот Евгениј Балицки (но за тоа во посебна статија) како и со официјалните лица одговорни за економскиот сектор и за земјоделството, односно со Министерот за економски развој на регионот Запорожје Јуриј Гушков, заменик-претседателот на Советот на министри – министер за агро-индустриски комплекс и прехранбена политика на регионот Запорожје Светлана Шевченко, и со Алексеј Џуркин, прв заменик генерален директор на Државното унитарно претпријатие Државен оператор за жито.
Јуриј Гушков изјави дека „Запорожје е земјоделски регион. Во јули 2022 година ја формиравме државната компанија Државен оператор за жито. За таа цел од Федералниот центар, односно од Москва, добивм 1 милијарда рубљи, за создавање на компанијата. Плус добивме 500 милиони рубљи за набавка на нова земјоделска опрема и машини, кои што ни се потребни нам и на земјоделците во Запорожје. Компанијата се занимава со прием, складирање, продажба и испорака на различни житни култури. Наша примарна задача беше систематизирање на пазарот. Ја променивме украинската шема на работа во земјоделството, под Украина земјата беше во рацте на приватни компании, а денес земјата е во државна сопственост и во рацете на обичните земјоделци. Предизвикот за следните години е да се искористи целата земја, и истата да се обработува. Складиштата за жито, како и останатата инфраструктура што ја наследивме е останата од СССР. Форматот на Договорот за жито нас не не задоволува, и ние сме готови директно да соработуваме и да го извезуваме нашето жито и житни култури.“
Украина, ЕУ и САД ја обвинуваат Русија дека го краде и нелегално продава украинското жито. Иронично е ЕУ и САД да ја обвинуваат Русија, бидејќи тие почнувајќи од 2003 година ја крадеа ирачката нафта, а САД почнувајќи од 2014 година нелегално се наоѓаат на територијата на Сирија, и ја крадат и продаваат сириската нафта. Тоа е најдобар пример за функционирањето на Меѓународното право, и доказ дека во светот на прв план се интересите на големите сили.
Заменик-директорот на Државниот оператор за жито, Алексеј Џуркин, изјави дека „Украина го пласира огромното мнозинство од својот извоз на жито, над 95 отсто, во земјите од Европската унија. Помалку од три проценти од овој „хуманитарен“ извоз стигнува до неразвиените земји на кои што житото им е неопходно, и за нивните потреби беше склучен Договорот за жито. Договорот за жито работи само однос на ЕУ и Западот. Русија веднаш е подготвена да достави жито во земјите во Африка и Азија. Имаме купувачи од Африка и веќе го испративме нашето жито во Конго.“
Африка како и во времето на СССР, и денес е исклучително важен пазар за руското и за украинското жито. Африканските земји се обидуваат да лобираат преку различни структури на ОН, да можат да купуваат жито од Русија и од Запорожската област.
Алексеј Џуркин додаде „Иран и Кина и помагаат на Русија да ги реши проблемите со одржувањето на западните земјоделски машини и опрема. Иран ќе отвори ремонтен центар за одржување на западната земјоделска опрема. Во рамките на Договорот за жито, Русија е под санкции. Ние и нашата компанија сме под директни сакнции. Пред нас и земјоделците во Запорожје стои прашањето да преживееме. Во овој момент ние соработуваме и водиме преговори со 30 држави, и сме подготвени да соработуваме со секој кој што е подготвен да соработува со нас. Ние работиме со помош на прекупци од Турција, и Турција е најголемиот добитник од Договорот за жито. Турција е најголемата мелница за жито во Европа. Ние сакаме да работиме без прекупци и директно да го поставуваме нашето жито.“
Државниот оператор за жито е единствено трговско и логистичко претпријатие во регионот Запорожје. Истото располага со 11 филијали за примање жито низ целиот регион. Во 2022 година Државниот оператор за жито успеал да прифати и продаде 300 илјади тони жито и маслодајни семиња. И ќе ги зголемиме волумените, бидејќи можеме да складираме три пати повеќе – околу 1 милион тони. Преку железнички, патен и воден транспорт може да превезува 20 илјади тони жито дневно. Од почетокот на годината се посеани 20 000 тони пролетни житни култури, од кои сончоглед, пченка, јачмен и грашок. Компанијата веќе вработува 1 300 луѓе и располага со 200 единици на специјална земјоделска опрема и машини.
Свјетлана Шевченко, министерката за земјоделство изјави дека „Запорожје е првенствено земјоделски регион. Минатата година на територијата на Запорожската област која што е под контрола на Русија, се соберени 2,2 милиони тони житни култури, од кои што 900 000 тони пченица. На таа територија се наоѓаат 960 000 хектари обработлива земја, но од нив, 360 000 хектари се наоѓаат во буферната зона, на линијата на фронтот, и поради тоа не се обработува. 300 000 тони пченица е доволно да се задоволат годишните потреби на Сирија или на Холандија. Запорожската област е обезбедена со семенски материјал и не сме зависни од увоз. За разлика од времето на Украина, ние не користиме ГМО семиња, тие се со закон забранети во Русија. Ние вршиме селекција на семето, се враќаме кон нашите автентични семиња, и нашите семиња ќе бидат и поевтини и поквалитетни од увозните. Од почетокот на годината добивме нови нови руски трактори Кировец и комбајни Роселмаш. Им помагаме на земјоделците кои останаа без опрема, а малите земјоделци претходно немаа ниту сопствена опрема, туку беа зависни од поголемите приватни производители.“
Покрај Мелитопол, го посетивме и пристанишниот град Бердјанск. Ни беа дадени информации дека пристаништето во Бердјанск работи, прифаќа и опслужува товарни бродови, од 10.000 тони, но се прават напори да почнат да се товараат бродови и од 20.000 до 50.000 тони. Моментално пристаништето работи со капацитет од 40 проценти. Го посетивме Бердјанскиот комбинат за леб, кој што пече леб и други кондитерски производи за Бердјанск и Мариупол.
Во својата канцеларија не прими Наталија Марчук, која што е родена во Горловка, Доњецката област, но живеела и работела во Мариупол. После битката за Мариупољ, како резултат на тоа што останала без работа, таа како бегалец заминала во Бердјанск, и се вработила како управител во Бердјанскиот комбинат за леб. За странските новинари таа изјави дека „Почнувајќи од од 01.09.2022 година почнав да работам како управител. Нашиот комбинат дневно произведува околу 10 тони леб и бели пецива, односно 13.000 парчиња леб и 70.000 парчиња разни кондиторски производи. Благодарение на формирањето Државниот оператор за жито, 224 луѓе работат и доставуваат леб во Бердјанск и Маријупољ. Минатата година платата беше 12 500 рубљи, а сега истата е 30 000 рубљи. Имаме намера да го прошириме бизнисот и во Мелитопол, Доњецк, Ростов на Дон и во родната Горловка. За Велигден успеавме наместо планираните 6 тони традиционален руски сладок колач, Кулич со суво грозје, испековме 12 тони. Нашиот народ е работен, се сплотивме и го направивме невозможното за Велигден.“
Еден од присутните изјави дека тоа е вистинско Велигденско чудо. Комбинатот во Бердјанск добива бесплатно брашно, зејтин, маргарин и сол, и покрај за локалното население во Бердјанск и Мариупољ, пече леб и за потребите на руската армија, но бидејќи се работи за воена тајна, не ни октрија која количина на леб печат за потребите на армијата. Гладен војник е никаков војник, а во војна на изморување ќе победат поодлучните и организираните.
Ги посетивме и плодните ниви во Запорожје, и на една од нивите се наоѓаше огромен зелен трактор Џон Дир, оставен од времето на Украина. Истиот сееше сончоглед. Во тракторот, огромен број на светлечки дисплеи. Се движи според ГПС навигација, но трактористот треба да го заврти воланот на крајот од браздата. Влегов во тракторот и јас да пробам. Јата птици слетуваат и полетуваат зад нас, додека заедно со трактористот сееме сончоглед и гледам во далечините, во полињата на плодната земја. Трактористот ми кажа дека цел живот е земјоделец, и ја обработува својата родна земја. Се надева дека конфликтот наскоро ќе се смири, бидејќи се работи за два братски народи.
Со продолжувањето на Договорот за жито кој што е против руските интереси, Русија и Русите уште еднаш докажаа дека работат во име на интересите на целото човештво. Русија дури е подготвена, доколку Западот ги укине санкциите за жито, дел од житото бесплатно да им го подари на државите од Африка кои што имаат потреба од него за да ги прехранат своите жители. Русија, како и многупати низ својата богата историја им помага на „Сиромашните и гладни народи“, и се труди да се избегне светската прехранбена криза.