Уште една анкета потврди дека Македонците се против внесување на Бугарите во Уставот како услов за ЕУ

Вкупно 56,1 проценти од граѓаните сметаат дека не треба да се промени Уставот и во него да се внесат Бугарите и останатите народи за да се продолжи со преговорите со ЕУ. Само 27,5 проценти од анкетираните даваат поддршка за уставни измени, покажува последното истражување на јавното мислење кое за потребите на Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје.

Според истражувањето, најголем дел од тие кои што поддржуваат уставни измени се етнички Албанци. Дури 79,3% од етничките Албанци даваат поддршка на внесувањето на Бугарите во Уставот додека дури 72,4% од Македонците се против.

„Поддршка на уставни измени со цел внесување на Бугарите во Уставот дава само еден од десет Македонци или 11,2% од анкетираните. Сосема различните ставови на Македонците и етничките Албанци ги комплетира податокот дека само 8,8 проценти од етничките Албанци се против уставни измени. Три четвртини од граѓаните велат дека се доволно информирани за тоа во што се состојат уставните измени и најголемиот дел од нив стравуваат дека тие ќе имаат негативни последици врз земјата, се наведува во истражувањето.“

Анкетата покажува дека 75,4% од анкетираните рекле дека знаат во што се состојат уставните измени, наспроти само 17,3 проценти кои рекле дека немаат информации.

60,8% од анкетираните се на ставот дека уставните измени ќе имаат негативни последици за земјава додека 19,1% не очекуваат негативни последици. И за ова прашање прилично спротивставени ставови меѓу Македонците и етничките Албанци.

Додека 71% од Македонците сметаат дека уставните измени би имале негативни последици за земјата, таков став делат само 31 проценти од Албанците кои во мнозинство од 42% сметаат дека нема да има негативни последици.

Ваков став делат само 11,2% Македонци. Мнозинството граѓани не очекуваат ниту нешто позитивно од уставните измени. 54,5% велат дека уставните измени нема да имаат позитивни последици за земјата, додека 28,3% сметаат дека ќе има.

Анкетата на Институтот за политички истражувања Скопје е спроведена телефонски во периодот од 2 до 6 мај, годинава врз репрезентативен примерок од 1112 испитаници.