Плодови на добрососедските договори – Бугарите поднесоа 320 амандмани на извештајот на ЕП за Македонија

Европскиот парламент го објави Извештајот-резолуцијата на бугарскиот европратеник Илхан Ќучук за Македонија, изработен по извештајот на Европската комисија, во кој се поздравува континуираната посветеност на Македонија за интеграција во Унијата, а истовремено се повикува на смиреност, достоинство и зрелост во билатералните односи.

Во резолуцијата се споменува 2030 година како датум кога земјата би требало да ги исполни условите за членство во ЕУ. За резолуцијата се поднесени 320 амандмани, за кои идната седмица ќе расправа Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент.

Во нацрт-резолуцијата на известувачот за Македонија, се нагласува дека проширувањето на ЕУ е геостратешка инвестиција во долгорочен мир, а земјата се етаблира како сигурен партнер и спроведе трајни реформи на патот кон ЕУ. Во неа се поздравува континуираната посветеност на земјава за интеграција во Унијата, која се заснова на одржлив напредок во обезбедувањето на демократијата, владеењето на правото и основните права, додека се движи кон меѓусекторско усогласување на политиките.

Известувачот, изразува загриженост за непотребното одложување на процесот на пристапување; ја нагласува потребата да се зајакне транспарентноста, отчетноста и инклузивноста на процесот, вклучително и неговата парламентарна димензија.

Ќучук, за разлика од неговите бугарски колеги, ја поздравува добро воспоставената хармонија меѓу заедниците во Македонија и ја повикува земјата да ја задржи својата долгогодишна посветеност на мултикултурализмот и инклузијата.

Во резолуцијата се забележува посветеноста на Македонија за позитивна дипломатија и добрососедски односи, која ја повторува својата целосна поддршка за доследно спроведување на Договорот за пријателство со Бугарија и Договорот од Преспа со Грција.

Тој предупредува против обидите за поткопување на мирните меѓузаеднички и билатерални односи и жали за сите внатрешни и надворешни дејствија кои ја поткопуваат стабилноста и го загрозуваат регионалното помирување.

Во нацрт-резолуцијата Ќучук повикува на смиреност, достоинство и зрелост во билатералните односи, ги повикува регионалните партнери да ја вратат довербата и да соработуваат во меѓусебно почитување и во дух на добрососедство.

На извештајот долг десет страници, поднесени се дури 320 амандмани на 161 страница, за кои ќе расправа Комисијата за надворешни работи, во кои бугарските европратеници ќе се обидат да ги вметнат нивните критики кон Македонија.