Јованов: Кадрите од нашето образование придонесуваат за развој на странските економии
- Откако во јавноста беше споделена информацијата дека над триесет медицински работници со завршена Висока медицинска школа во Битола побарале работа во Германија, професорката на Економскиот факултет при УГД, се огласи на социјалните мрежи и констатираше дека кадрите од нашето јавно образование, финансирано со народни пари придонесува за развој на странските економии:
Ова, како што сме свесни сите, е катастрофа за Македонија Секако, клучниот фактор позади состојбава е повеќедеценискиот ужасен однос на властите кон клучните столбови за развој на државата и кадарот за истите, меѓу кои и јавното здравство.
Сепак, има и еден дополнителен фактор кој се провлекува како олеснителна околност за бегањево на млади луѓе образувани во јавно образование, финансирано од народни пари, да може да се случува толку лесно и притоа, нас да не’ чини прескапо во секоја смисла, а да придонесува за развој на Германија или други странски економии.
Тој фактор е отсуството на било каков услов за добивање високо државно образование, финансирано од народни пари.
Имено, кај нас, секој може да се запише во вишо или високо образование, кое чини многу малку (а државата/народот го чини многу повеќе), да добие меѓународно призната диплома, без притоа да мора да даде ништо за возврат! Ова е поразително!
Има примери во светот, каде за да се образуваш евтино на државни универзитети, мора да се согласиш на јасни услови, за да државата инвестира во тебе (во спротивно, ги враќаш парите вложени во тебе):
-да бидеш студент кој нема да повторува година;
-да држиш одреден просек (значи да испорачаш одредено ниво на квалитет на студиите);
-да имаш обврска извесен период на години по студиите (5 или повеќе) да создаваш вредност во земјата која ти овозможила образование…
Вака, како што е кај нас случајот, без никакви обврски, само права, ние (народот) инвестираме во кадри за странски држави!
Притоа, значителен дел од младите не ја сфаќаат инвестицијата сериозно и имаат крајно ноншалантен однос кон она што го добиваат. Друг дел, свесно се запишуваат на студии за служба во странски држави. Верувам дека односот не би бил ист, да морале да ја платат вкупната цена на студиите, без поддршката од јавните финансии.
Ова прашање е крајно сериозно, затоа што на крај, народот кој ги финансира тие студии, ќе нема кој да го лекува, образува, да му гради, да му произведува храна, да го одржува во живот…
За тоа, колку на одредена сегашна или идна власт и’ е гајле за народот, може лесно да се увиди преку третманот на клучните столбови и политиките креирани за истите.