Грчките итроштини и македонските регулатори и акционери

Како Националната банка на Грција (НБГ) која е мнозински сопственик на Стопанска банка АД Скопје ги изигрува регулаторите на македонскиот банкарски систем и на пазарот на капитал и ги ограбува малцинските акционери на Стопанска банка АД Скопје?

Подолго од пет години малцинските акционери сопственици на приоритетни акции на Стопанска банка АД Скопје (Банка) поставуваат барање до Наздорниот одбор на Банката да му предложи на Собранието на Банката да усвои одлука за конверзија на приоритетните акции во обични. Причината за ова барање е континуираната штета што ја трпат малите акционери затоа што Банката не се усогласила со Законот за трговски друштва од 2004 година и се уште исплатува варијабилна гарантирана дивиденда наместо фиксна и не ја исполнува обврската по основ на правата на овие акции да учествуваат во распределба на добивката. За оваа аномалија на Банката и укажала и Комисијата за хартии од вредност, а и Народната банка дека Надзорниот одбор на Банката треба секогаш да ги има предвид и интересите на малцинските акционери особено кога се доставуваат како предлози за Собранието. Но, Надзорниот одбор, во кој преовладувачки број на членови се од НБГ, не го прифаќа предлогот на акционерите и со тоа ја прекршува законската обврска да управува со Банката во согласност со Законот за банки и со правилата за добро корпоративно управување.

Нарачано вреднување на акциите

Минатата година по одржаното годишно собрание, Банката упати писма со известување до сите иматели на приоритетни акции дека Надзорниот одбор и Управниот одбор ќе ангажира трета независна страна да изврши анализа и да достави извештај со предлози за можна конверзија на приоритетните во обични акции. Извештајот, според известувањето требаше да биде готов до септември и после што Банката ќе свика вонредно собрание. Но, Банката го објави Извештајот на веб страната на Македонската берза на 5 април после пет дена откако акционерите доставија предлог до Надзорниот одбор за одлуки за распределба на добивката и за конверзија на приоритетните акции во обични.

Во Ивештајот е наведено дека анализата е направена врз основа на продажните цени на приоритетните акции и обичните акции во периодот 2019-2022 година, но не објаснува зошто е избран точно овој период, зошто не е вклучена 2018 година во која продажната цена на приоритетените ја достигна и престигна цената на обичните акции заради најавата од страна на раководството на Банката за можна конверзија. Периодот од избраните три години за анализа опфаќа:

(1) период на ковид кризата на која се надоврза и кризата заради војната во Украина заради што тргувањето со акции значително опадна на Македонската берза;

(2) период во кој се одвиваа судските процеси на имателите на приоритетни акции против Банката заради неисплаќање на дел од добивката што заради очекување на судска разрешница влијае на пасивност во тргување со овие акции и

(3) период во кој заради континуираниот и значителен пад на каматните стапки Банката исплаќаше најниски дивиденди на приоритетните акции што влијаеше на целосно обезвреднување на овие акции така што пазарната цена падна до ниво на нивната номинална вредност.

А независниот експерт ангажиран и платен од Банката не земал предвид ниту еден од овие објективни факти за приоритетните акции и направил пресметка на вредностите на акциите по мерка на мнозинскиот акционер, според која една приоритетна акција би се разменила за 0,4 обични, наместо за 1.99 акции како што би требало да се изведе конверзијата според соодносот на номиналните вредности на овие акции.

Законска основа и пракса на конверзија на приоритетни акции во обични

Со Законот за трговски друштво и Законот за хартии од вредност акцијата е хартија во којашто е претставен дел од основната главнина и во која се отелотворуваат правата на акционерот. А тој дел е поставен при основањето на акционерското друштво и секоја промена на делот од основната главнина во корист на обичните акции претставува одземање на делот од основната главнина на приоритетните акции и АКТ НА РАЗБОЈНИШТВО.

Три банки (Комерцијална, Уни банка и Стопанска банка Битола) во минатото извршија конверзија на своите приоритетни акции во обични. Тие го запазија соодносот на соодветните номинални вредности на акциите и го одржаа делот во основната главнина на имателите на приоритетни акции, со тоа применувајќи висок степен на корпоративна култура во време кога праксата за добро корпоративно управување не беше нити позната нити применувана од македонските акционерски друштва.

Сосема спротивно, Стопанска банка АД Скопје со направеното вреднување го намалува учеството на имателите на приоритетни акции од 2,53% на 0,68% во основната главнина, со што не само што им го намалува имотот на имателите на приоритетни акции, туку и нивните права од вложувањето што го направиле во акциите на Банката и врз основа на кое вложување стекнале одреден дел од главнината кое сега во голем дел им се одзема со предлогот на Банката. И тоа во време на важење на современ Кодекс на корпоративно управување на котираните акционерски друштва од 2021 година, усвоен од Одборот на директори на Македонската берза чиј претседател е член на управниот одбор на Стопанска банка.

Ова е изопачено однесување на Банката, која со непостапување по одредбите на Законот за банки, Законот за трговски друштва и Кодексот на корпоративно управување, придонесе да се руинира пазарната цена на приоритетните акции а сега ја користи ниската пазарна цена како критериум за минимален сооднос на размена на овие акции во обични акции со што директно ги ограбува малцинските акционери.

Злоупотреба на неефикасноста на регулаторите

Очигледно, мнозинскиот акционер ја користи ситуацијата на “село без кучиња“ и преку Надзорниот одбор презема активности само во своја корист, со што врши злоупотреба на овластувањата што му се дадени со закон што треба да ги врши во интерес на сите акционери. И самата Банка во својот Кодекс за корпоративно управување одредила дека Надзорниот одбор и Управниот одбор ги земаат во предвид интересите на основните заинтересирани страни на Банката и влијанието на нивните активности при спроведувањето на нивните одговорности. Но, Банката ги игнорира интересите на малцинските акционери како заинтересирана страна и носи одлуки со кои грубо ги оштетува, со што демонстрира корпоративна некултура и невредности, и нечесност.

Злоупотребата на правата на една од заинтересираните страни спротивно на основните принципи на доброто корпоративно управување внесува недоверба и можност за примена на злоупотреба и кон други од заинтересираните страни од страна на оваа Банка. Особено ако се земе предвид неактивноста и неефикасноста на регулаторите што создава средина за самолно дивеење на една од најголемите македонски банки во услови на претпоставена висока регулираност каква што треба да има еден функционален и доверлив финансиски сектор на една земја.

  • Писмо до медиумите од Координативно тело за преземање активности за остварување на правата од приоритетните акции на Стопанска банка АД Скопје