АктуелноЛокалноСтав

Културното наследство оставено на немилост на власта во спрега со приватниот капитал

Пишува: Тони Димитров – Координатор на Сектор култура

Власта на итната седница закажана за утре (понеделник), по скратена постапка сака да протне девет предлог закони (во меѓувреме можеби веќе протнати), меѓу кои и ПРЕДЛОГ ЗАКОНОТ ЗА ДОПОЛНУВАЊЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ЗАШТИТА НА КУЛТУРНОТО НАСЛЕДСТВО. Овој предлог закон, како и останатите осум закони кои власта сака по секоја цена да ги донесе на 112-та собраниска седница, се поврзани со работата на коридорите 8 и 10 Д (договор склучен во 4 очи без јавен тендер), а со цел поефикасна „имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8“.

Очигледно дека во секој од овие закони намерата е иста и се однесува на „олеснување“ на процедурите при изградбата на Коридорот 8, а во конкретниов предлог Закон, како што стои во самиот текст, за „надминување на проблемите на инвеститорите и изведувачите на работи во однос на обврските кои за нив произлегуваат од случајното наоѓање на археолошко наоѓалиште, односно предмети од археолошко значење во текот на изведување на градежните работи “.

Секако, сето ова ќе биде на општа штета, во случајов на културното наследство и археолошките наоѓалишта во Македонија, и тоа во услови кога нашата историја е оспорена од шовинистичките соседски политики и нeбулозните ЕУ притисоци, кога негрижата за културното наследство е на највисоко можно ниво и кога вложувањата во археологијата се на очајно ниско ниво (ако воопшто постојат).

Сето ова станува дотолку појасно, што овој преглог Закон го предлагаат пратеници на ДУИ, кој заедно со анти-државната СДС немаат никаков сенс, ниту интерес за заштита на македонското културно наследство, туку напротив во прилог на нивните политки е да се уништи, што напати го потврдиле во нивниот мандат. Тука го додаваме и дотичното Министерство за култура, кое е во длабока хибернација кога е во прашање културното наследство, па така приказната ја добива комплетната слика.

Примери има безброј. Иако измина рокот од две години за спроведување на препораките на УНЕСКО, Струга и Охрид не преземаа ништо по прашањето на статусот на светско културно наследство на УНЕСКО, не е изработен регистар на дивоградби кои според неофицијалните податоци ги има повеќе од илјада, а продолжува и претераната узурпација и урбанизација на атрактивните локации и самиот брег на Охридското езеро, со опасност конечно да го изгубиме статусот на светско културно наследство на УНЕСКО.

Во слична состојба е и eден од најзначајните археолошки локалитети кај битолското село Живојно, најстарата неолитска населба Влахо од 64-от век пр.н.е., која е оштетена поради ископи на јаглен, без разлика што пред една година „Завод и музеј“ – Битола даде мислење ископувањата да се запрат. Итн…

Свесни сме дека Охридско тежи од историја и лежи на археолошки наоѓалишта, и повеќе од сигурно е дека ќе има прекини во работата поради техничките процедури, а кои во случајов сакаат да се заобиколат по брза постапка. Тоа автоматски значи најпрвин игнорирање, а потоа и практично уништување на наоѓалишта за да се забрза процесот. Сѐ тоа е логично затоа што интересот на приватните компании е профитот, а не нашето културното наследство и археологијата.

По дефиниција, зад културното наследство треба да стои државата т.е. Министерството за култура или Управата за заштита на културното наследство, итн., што во случајот со оваа таканаречена власт, не е баш така. Веќе алармиравме за нестручниот партиски кадар кои стои зад институциите за заштита на културното наследство во државата, што резултура со поразителна состојба на нашето најголемо богатство, почнувајќи од спомениците на културата, археолошките локалитети, цркви, манастири и џамии, па се до состојбата на артефактите во музеите. Со еден збор, идентитетските кодови на една нација, кој систематски се ништат.

Сето ова ќе се реализира и со споменатите измени во Законот, преку кои практично се олеснува начинот на пријавување ако се дојде до археолошки важно откритие (археолошки локалитет) и наместо надлежната јавна установа за заштита или до Министерството за внатрешни работи (како што предвидува законот во други случаи, ако не се работи за стратешки инвеститор за каков што е прогласен „Бехтел и Енка“), треба да се пријави само до надзорниот инженер најмен од фирмата (кој до вчера произведувал гаќи).

Тоа значи дека, не само што по желба на соседите или поради притисоците на Европската унија си ја обликуваме сопствената историографија, туку сега и самоиницијативно учествуваме во сопственото негирање преку менување на Законот за заштита на културно наследство (читај: го уништиваме културното наследство) за задоволување на потребите на контроверзниот конзорциум „Бехтел и Енка“, а под изговор на изведување „на градежните работи на проекти од државно значење“.

Сосема очекувано е што и надлежното Министерството за Култура до сега не излезе со било каква реакција. Покрај предлагањето на контроверзниот предлог закон за културата каде синтагмата „национален интерес“ ја заменува со апстрактниот термин „јавен интерес“ (со цел да се избрише сè што е национално, а наместо тоа, да стане јавно), Министерството беше посочено и за негрижа кон мартеријалното и нематеријалното културно национално наследство, што беше нотирано и во ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија, па целата оваа шарада не делува воопшто неочекувана.

Потврдено, ние сме нација која е спремна да си ги уништи сопствените корени, историјата, а веќе ги распродадовме и националните интереси за фиктивни ветувања за „подобрто утре“, а под диктат и притисок на некакви евробирократи кои ни ги блокираат улиците на главниот град, кога за тоа имаат интерес. Оттука, слободно може да изведеме заклучок дека негрижата и распродавањето на културните, идентитетските и националните маркери претставува модус операнди на оваа власт. Веќе станува евидентно дека запуштањето на културното наследство и историските столбови систематски и тенденциозно се спроведува, сѐ во интерес на соседските политики од минатиот век и внатрешното национално разградување.

Левица како партија цврсто стои зад македонските национални интереси, а со тоа се залага и за заштита на македонското културно наследство, па според тоа е категорично против овој предлог закон. Колку се ДУИ/СДС позабревтано впрегнати во дезинтеграција на македонското културно ткиво, дотолку нашата борба против нивното самоволие ќе биде пожестока. Дали сте и вие со нас?