АктуелноИнтернационално

Макрон не успеа да го убеди Си Џинпинг

Францускиот претседател отпатува во Кина со цел, според тврдењата на „Политико“, „да ја притисне Кина, да го искористи својот преговарачки потенцијал кон Русија, за да стави крај на конфликтот“, како и „да го убеди Пекинг да ги осуди руските закани за распоредување нуклеарно оружје во Белорусија“.

За време на приватната средба со Си, Макрон истакна дека Западот е загрижен оти Кина ќе испрати оружје во Русија.

„Претседателот се обиде да го убеди Си да не и испраќа оружје на Русија што ќе и помогне во војната со Украина. Си само рече дека тоа не е негова војна, дека украинската криза не е проблем меѓу Кина и ЕУ “, изјави анонимен француски дипломат за Политико.

Со ова кинескиот претседател Си Џинпинг не покажа никаков знак дека планира да го промени ставот за руско-украинскиот конфликт по разговорите со неговиот француски колега Емануел Макрон.

По средбата, беше организирана церемонија на потпишување договор, каде што официјални лица и претставници на индустријата склучија неколку договори, меѓу кои и оној за продажба на 160 авиони Ербас.

Кинескиот претседател, исто така, нагласи дека Пекинг и Париз треба „да ја продолжат соработката меѓу нивните законодавни тела и војската“, како и дека „Кина и Франција ќе продолжат да се спротивставуваат на менталитетот на Студената војна и блоковскиот конфликт“, како и да продолжат со соработката во решавањето на заеднички проблеми.

Урсула фон дер Лајен зборуваше за Русија и Тајван

Си исто така се сретна и со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која Макрон ја донесе со себе за да го „покаже европското единство“, но која нема да учествува во сите активности на двајцата лидери, наведува „Политико“.

Фон дер Лејен зборуваше со новинарите во Пекинг независно, без присуство на Си и Макрон, а таа го искористи тоа за да ја критикува Русија.

„Вооружувањето на агресор е јасно кршење на меѓународното право – тој никогаш не треба да биде вооружен“, рече таа за Русија. „Тоа значително би ги влошило односите меѓу Европската унија и Кина.

„Никој не треба насилно да го менува статус квото во овој регион“, рече таа, мислејќи на Тајван што Кина го смета за своја територија. „Заканата за употреба на сила за промена на статус кво е неприфатлива.

Кинескиот претседател Си Џинпинг во разговор со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ги отфрли како „нереални соништа“ сите очекувања дека неговата земја ќе се согласи на компромиси и отстапки во однос на Тајван, објави главната кинеска телевизија. Тој посочи дека секој што размислува така си „пука во нога“, пренесе ТАСС.