Владата на Макрон се спаси за 9 гласа
На протестите во Париз против реформата на пензискиот систем, демонстрантите синоќа запалија ѓубре, откако владата на францускиот претседател Емануел Макрон за „влакно“ избегна недоверба поради најавеното усвојување на пензиската реформа. Реформата предвидува зголемување на старосната граница за пензионирање за две години, од 62 на 64 години.
Пожарникарите во Париз цела ноќ гаснеа запалени купишта ѓубре, кои останаа на улиците поради штрајкот на комуналните работници.
Претходно полицијата употреби солзавец врз демонстрантите кои се собраа веднаш по изгласувањето недоверба на владата во парламентот, пренесе Ројтерс. Протести имаше и во други градови, во југозападниот француски град Бордо, околу 200 до 300 луѓе, главно млади луѓе, се собраа да протестираат против реформите.
Судирите за пензиската реформа во Париз и ширум земјата во изминатите три ноќи потсетуваа на протестите на „Жолтите елеци“, кои избувнаа на крајот на 2018 година поради цената на горивото, оценува Танјуг.
Синдикатите и опозициските партии најавија дека ќе ги интензивираат протестите во обид да ја спречат реформата на пензискиот систем.
Недоверба на владата поддржаа 278 пратеници, што е само девет помалку од потребниот број од 287 за успешно гласање.