АктуелноЛокално

Ванковска: Се родивме во антиколонијална држава, денес живееме во колонија

Професорката на Филозофскиот факултет при УКИМ, Билјана Ванковска во својата колумна за „Нова Македонија“ потсети, на како што таа вели „ироничната“ судбина на постарите генерации, кои се родиле во антиколонијална држава, која ги помагаше останатите држави да се ослободат од империјалистичките владетели, да живеат во држава која и самата денес е колонија.

„Каква иронија на судбината е (за нас, постарите) да се родиме и растеме во време во кое Југославија ги помагаше антиколонијалните движења во светот во борбата за независност и суверенитет, а денес да сме подолу од колонија. Уште полошо, сведоци сме на автоколонизација. Неврзана СФРЈ не фаќаше страна меѓу двата воено-политички блока, а идејата на Движењето на неврзаните беше токму во тоа: малите и експлоатирани нации (Другите) да се соберат заедно како баланс во свет што се соочуваше со нуклеарна војна, да се отворат канали на меѓусебна економска и друга соработка. Во тоа време не баравме непријатели, туку пријатели.“

Во продолжение од колумната професорката потсети на кинеската доктрина на креирање надворешна политика, согласно која и непријателите треба да бидат претворени во пријатели.

Исто онака како што Кина денес се води од една филозофија, која за Западот е не само чудна туку и непозната. Тие велат, ние не ги делиме земјите на пријатели и непријатели, туку се прашуваме како од оние со непријателски однос кон нас да направиме пријатели и да го прошириме кругот на пријатели.

Професорката додаде дека „САД живеат од војни. ЕУ доби Нобелова награда за мир, а верува дека “мирот е војна, војната е мир’. Според Ванковска ваквата политика е парадоксот на новото време.