Лажната борба на Боречката федерација и вистинското лицемерие на АМС

  • Пишува: Ангеле Михајловски, советник од Левица – Општина Штип и член на Сектор спорт

Веќе неколку години, раководството на Боречката федерација на Македонија води политики во кои потполно е изоставен спортскиот дух, a кој е заменет со политикантски монтирани сценарија.

Поради лични интереси и ривалитет во очите на челниците, се постапува максимално неспортски кон клубови кои дирекно продуцираат млади спортски таленти и се идната национална гордост и спортски амбасадори на Република Македонија по светот.

Од друга страна, Агенцијата за млади и спорт како најодговорен субјект од таа областа во државата чија мисија е да го обединува спортот, вазалски постапува под притисок на политичките одлуки. Еднаш дискриминира и селективно постапува во однос на извршување на законски одлуки чувајќи ги во фиока, друг пат фаворизира омилени клубови кои се блиски до врхушката која е на власт.

Тоа најубаво се отсликува во финансиската рамка на доделени средства во вид на ваучери, каде што има клубови кои се пристојно наградени, додека на другите воопшто не им се дава шанса да влезат во конкуренција за паричен надоместок, кој по сите параметри им следува.

Доколку се направи една паралела помеѓу штипските боречки клубови „Балканец“ и „Олимпија“, многу јасно може да се увиди онаа народната изрека, „каде што има сила, нема правдина“. Додека едните ги уживаат сите привилегии на спортската слобода, другите, прикотвени локално, веќе четврта година оставени надвор од синџирот на национални натпревари.

Ништо не е случајно ако се земе во предвид фактот што дури шест членови на раководството на БФМ се од Штип.

– Бобан Санев – член на Управен одбор;

– Викторија Кукушев – Зафирова – член на Управен одбор;

– Сафет Али – член на Управен одбор;

– Ненад Димитров – член на Управен одбор;

– Бобан Данов – Селектор на репрезентација;

– Дејан Богданов – Претседател на БФМ

Монополот кој се игра заедно со одредени ликови од централната власт, создава услови за спортско изразување кои се рамни на мочуриште.

Сепак и во такви мизерни услови се постигнуваат солидни меѓународни резултати, како пркос на сите неспортски и ниски удари по младите спортисти.

Левица и понатаму ќе се бори за чистиот спортски дух, надвор од политикантските кујни на бизнис спортистите и квази политичарите. Само во таква здрава спортска средина, младите генерации ќе бидат мотивирани да се борат за националната химна и да освојуваат нови спортски висини.