Општина Центар располага со 5.170 паркинг места, а има издадено 16.130 картички за паркирање

ЈП „Паркинзи Општина Центар“ стопанисува со 5.170 паркинг места, а издадени се три пати повеќе картички за паркирање односно 16.130. Бројот на повластени паркинг карти за жители изнесува 13.350, а склучени се 2.780 комерцијални договори со фирми и вработени.

„Бројот на активни кориснички договори e динамичен, односно се менува согласно потребите и бројот на корисниците. Очигледна е тенденцијата на зголемување на бројот на жители во општината со што секако се зголемуваат и потребите за паркинг. Поради ова, покрај тоа што расте бројот на жителски договори, паралелно работиме и на проширување на опфатот на паркинг зоните со кои управува нашето претпријатие“, вели директорот на „Паркинзи Центар“.

Цените за паркирање на паркинзите на ЈП „Паркинзи Општина Центар“ се дупло повисоки за разлика од оние на ЈП „Градски паркинг“ кои по доаѓањето на функција на градоначалничката Данела Арсовска беа намалени за 25 отсто. Јавните паркиралишта со кои стопанисува ПОЦ се поделени на 3 три паркинг зони, а цените во зависност од зоната се од 60 до 100 денари за час.

Граѓаните кои работат во централното гратско подрачје постојано се жалат на проблемот да се најде паркинг во близина на своето работно место, исто така како проблем посочуваат дека е скапиот пракинг бидејќи ПОЦ наплаќа најскап паркинг во државата, а оние кои имаат возила што не се на со скопски регистарски ознаки, велат дека добиваат блокатори и при застанување пократко од неколку минути.