Белорусија воведе смртна казна за велепредавство

Белорускиот претседател Александар Лукашенко го потпиша законот што овозможува примена на смртна казна врз државните службеници и припадници на вооружените сили осудени за велепредавство, соопшти кабинетот на шефот на државата.

Белорусија, е единствената во Европа што сè уште ја применува смртната казна. Досега смртната казна се применуваше за злосторства како убиство или терористички акти, со овие измени се проширува бројот на кривични дела заради кои може да биде донесена оваа пресуда.

Егзекуциите се извршуваат со еден истрел во задниот дел од главата.

Споменатата промена е дел од измените на Кривичниот законик, чија најавена цел е зајакнување на борбата на Белорусија против „злосторствата од екстремистичка (терористичка) или антидржавна ориентација“.

Законот го зголемува од три на десет дена периодот на притвор на лицата осомничени дека извршиле предавство, заговор или други дејствија за преземање на власта, шпионажа и тајни активности.

Според друга измена, што исто така беше одобрена од Лукашенко, лице осудено за „дискредитација“ на белоруските вооружени сили ќе добие затворска казна.