Богевски: Дриблањето во Министерството за Политички систем треба да го разбереме сериозно

  • Фејсбук статус на Круме Богевски – Координатор на Левица – Сектор Политички систем

Изгледа бахатењето на Артан е нешто посериозно од тоа што изгледа. Мислам дека не обрнавме доволно внимание на играта на друштвото на Груби во Министерството за Политички Систем. Зошто?

Смеењето, дриблањето, всушност тоа „не ни е гајле“ однесување на ДУИ во државните институции е повеќе од се знак дека се опуштени во власта, дека не чувствуваат притисок да остават впечаток дека заслужуваат уште еден мандат, дека треба да се докажат пред народот. Тие практичо си играат со власта, покажуваат една кохерентност како тим, додека државата пати од нивната неажурност.

Инаку не би се снимале за играта да ја прикажат на јавен мегдан, целта е јасна!

Несериозното однесување во државните институции ја поткопува професионалноста, комуникацијата и соработката, го намалува индивидуалниот придонес за грижа, го поткопува моралот на персоналот, ги зголемува отсуствата на вработените.

Непочитувањето на државните институции од вработените (особено од управниците) предизвикува примателот на услугите да доживее страв, лутина, срам, збунетост, неизвесност, изолација, замор и тн. Ете така се намалува и довербата на народот во органите на власта.

Ова не е единствен пример на „опуштеност“ во државна институција. До тој степен никому не е гајле за последиците на постапките што согледавме дека околу празници во тек на работно време вработените во болници, јавни претпријатија и органи на локалната власт вработените ги затворија шалтерите и си организираа чајанки со мезе, алкохол, цигари во затворените простории.

Таа опуштеност симптоматично ја забележуваме само и само кај партиските вработени. На сметка на тоа, вработените во јавна администрација кои под различни околности го добиле работното место (поради моментален дефицит на кадар во даден период или пак партиски вработени со помош на интервенција од различна политичка опција од актуелната власт) пак мора да одработуваат во константен страв дека работното место им виси на конец! Тие мора да одработуваат и за овие кои се заклучуваат во канцеларии за да озборуваат, кои додека се на работно место одработуваат за партијата или слично. Ете, таа е токсичната работна средина во државната администрација за која никој не зборува.

Тоа за што преку Левица неуморно апелираме е целосна реконструкција и радикална и длабинска структурна реформа на јавниот сектор, со цел зголемување на ефикаснота при давањето јавни услуги! Ние плаќаме за тие услуги другари! Искрено, некои вработени во јавна администрација и повеќе го отежнуваат работниот процес, отколку што придонесуваат во движење на јавната машинерија.

Затоа, потребно е укинување на „министрите без ресор“, укинување на функцијата „заменик министер“ и негово заменување со некој од редот на раководните структури во самото министерство, укинување на националните координатори во Владата, укинување на замениците директори во јавните претпријатија и установи, ограничување на бројот на советници во претседателскиот, премиерскиот и министерските кабинети, намалување на бројот на членови и на привилегиите на управните и надзорните одбори во јавните претпријатија, со воведување на стучноста и компетентноста како критериуми за нивно кадровско екипирање!

Не е тешко, постојат држави што овие реформи ги направиле преку ноќ!

А ако системот е веќе дисфункционален (како што гледаме дека е), не мора да значи дека бавна реформа е ефикасна реформа, кога веќе мора да се реконструира целиот државен систем, зошто не радикална и експресна реформа во првата шанса која би ја добил народот?