Пратениците не сакаа да ја укинат апанажата по Предлог-Законот од Левица – Уставен суд ја укина

Законот за плата и другите надоместоци на пратеници во Собранието и другите избрани и именувани лица предвидуваат пратеник да може да остварува плата и по престанувањето на мандатот за време до една година, и тоа: три месеци ако мандатот на пратеникот траел до шест месеци, шест месеци доколку мандатот на пратеникот траел од шест месеци и еден ден до 12 месеци, девет месеци ако мандатот на пратеникот траел од 12 месеци и еден ден до 24 месеци и 12 месеци ако мандатот на пратеникот траел 24 месеци и еден ден и повеќе.

Уставниот суд одлучи – нема апанажа за оние функционери кои си поднеле оставка или пак биле разрешени. На вчерашната седница судиите едногласно изгласаа укинување на членот 22 од законот за плати и надоместоци за избрани и именувани лица, што практично значи дека нема веќе плати за пратениците, министрите, функционерите кои пред истекување на нивниот мандат прекинале да ја вршат својата работа.

Овој член според судот нема уставна оправданост и затоа сите пет судии гласале истиот да биде укинат. Судот го зема во предвид фактот дека до оставка или до разрешување доаѓа заради некаков вид на одговорност поврзана со вршењето на доверената функција.

Според Судот, оставката и добивањето на паричен надоместок во вакви случаи се меѓусебно неспојливи. И затоа е донесена укинувачка одлука,одредбата е спротивна на владеењето на правото кое е една од темелните вредности на нашиот Устав, предвидена во членот 8.

Посетуваме, пред вчерашната одлука на Уставниот суд со која се укинува апанажата за оние функционери кои си поднеле оставка или пак биле разрешени, пратениците на Левица пред повеќе од една година поднесоа Предлог-законот за укинување на оваа неуставна апанажа, кој беше опструиран од Џафери и никогаш не беше изгласан од пратениците. По таквиот расплет на работите од партијата поднесоа и Предлог-Закон за апанажа на работниците, кој исто така заглави во „Собраниските лавиринти“.

Претходно, ова „право“ го искористија Радмила Шеќеринска, Мила Царовска и Никола Димитров, функционери кои по своите анкетни листови располагаат со милионски имот.