Левица ќе се бори против сите договори кои се против Асномските постулати

Претседателот на САД Џо Бајден вчера издаде декрет за земјите од Западниот Балкан со кој им се наложува на сојузните власти да ги стават на црна листа сите лица кои работат против клучните договори во регионот. САД ќе ги става на црна листа сите кои се против Охридскиот и Преспанскиот договор.
Во целост ја пренесуваме реакцијата на Левица:


„Извршната наредба на Бајден за санкции на сите субјекти кои се против Охридски и Преспански договор е дел од империјалистичката надворешна политика на САД која оперира со притисок, санкции, закани и воени интервенции – насилничка политика.

Но, она што е важно за нас да се потцрта, конкретно за интересите на Македонија, е тоа што уште еднаш се покажува дека во борбата за враќање на националната сувереност и достоинство товарот ќе падне на грбот на обичните граѓани т.е. на класата која не располага со капитал со кој може да биде уценувана на ваков начин, бидејќи нив нема што да им земат.

Всушност, ваквите договори како Рамковниот, Преспанскиот и Бугарскиот предизвикуваат регионална нестабилност, а не обратно. Искуството низ годините покажа дека Охридскиот договор е само алатка на задоволување на теснопартиските интереси на ДУИ, кој 20 години е на власт на Македонија.

Доследни на левичарската традиција, партијата Левица ќе продолжи да се спротиставува на сите штетни политики и договори кои се против националните интереси, воспоставени уште од АСНОМ. Од друга страна, додека македонската опозиција е заглавена во западен фундаментализам, не очекуваме автентичен отпор против ваквите договори.“