Левица: Мешајќи се во внатрешните работи австрискиот амбасадор врши притисок за бизнис интереси
- Реакција на Сектор за Надворешна Политика и Безбедност од Политичката Партија Левица
По најавувањето на Предлог-Закон за изменување и дополнување на Законот за игри на среќа, со кој се предвидува задолжителна дистанца од само 500 метри на објектите каде се организираат игри на среќа од основни и средни училишта, вчера се огласи австрискиот амбасадор во земјава, кој преку отворено писмо, надвор од рамките на својата мисија, се обидува да изврши притисок на Собранието и Владата со цел поддршка на бизнис интересите на австриска фирма.
Имено, во отвореното писмо, Георг Вуцас, изрично бара пратениците да не го разгледуваат овој предлог-закон, бидејќи, како што тој оценил, е неуставен.
Причината за ова барање на австрискиот амбасадор е што најголемата светска компанија на игри на среќа Новоматик Аг, со седиште во Австрија, го доминира и македонскиот пазар за коцкање, а извршен директор на оваа компанија е поранешниот еврокомесар од Австрија Јоханес Хан.
Потсетуваме, Австрија е една од земјите кои активно учествуваа и вршеа притисок за промена на уставното има на Република Македонија, токму Јоханес Хан, тогаш како еврокомесар, имаше клучна улога во преземањето на Власта од страна на Заев, а потсетуваме дека и австрискиот премиер Себастијан Курц, ги посетуваше СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во предизборните кампањи, како и дека повикуваше Македонија, и покрај неуспешниот референдум, да си го промени своето име со цел членство во ЕУ, што денес се обзнани како ноторна лага.
Ваквата, во најмала рака, неадекватна реакција на австрискиот амбасадор, слободно може да се оцени како грубо вмешување во внатрешните работи на Републиката. Георг Вуцас само потврди дека Западот во Македонија единствено се грижи за растот на својот капитал и се повикува на „уставност и законитост“ само тогаш кога нивните бизнис интереси се загеозени, додека за менувањето на име, идентитет, вршењето историска ревизија, и бројното кршење на македонскиот устав и газење на македонскиот народ во изминатите години никој не беше заинтересиран да го заштити.
Ги повикуваме пратениците во Собранието на Република Македонија да не потпаѓаат под притисоците од странските амбасади кои се вршат во интерес на крупниот капитал, што ја злоупотребува материјалната положба и егзистенцијата на многу луѓе. Сметаме дека коцкарниците и казината до училиштата се груба пропаганда и промоција на погрешни вредности на децата и младите! Очекуваме извинување од страна на австрискиот амбасадор поради излегувањето од рамките на својата мисија и вршењето на притисок врз клучната демократска институција во државата – Собранието на Република Македонија.