Изложба Градец – 10 години археолошки истражувања на локалитет “Градиште” с. Градец, Кривопаланечко 

Во четврток 28.12.2023 година со почеток од 19 часот во Градскиот музеј Крива Паланка ќе се отвори изложбата ГРАДЕЦ – 10 години археолошки истражувања на локалитет “Градиште” с. Градец, Кривопаланечко. 

Автори на изложбата и каталогот се м-р Милан Митовски и Цоне Крстевски

Рецензија: проф. д-р Антонио Јакимовски. 

Локалитетот „Градиште“ за првпат е рекогносциран во 2005 година од страна на проф. д-р Виктор Лилчиќ-Адамс и м-р Милан Митовски, при што е изработена планиметриска основа. Според претходно извршените проучувања наоѓалиштето е детерминирано како доцноантички кастел и значаен контролен пункт каде се вкрстуваат две значајни сообраќајници од антиката: патот Хераклеја-Стоби-Пауталија и патот Скупи-Пауталија. Првичните прелиминарни резултати од спроведените заштитни археолошки истражувања од 2013-18 година, како и според движниот археолошки материјал и архитектонските целини, на локалитетот евидентирани се населбински фази од праисторијата, доцната антика – рановизантискиот период и средниот век. Најсилен населбински хоризонт потекнува од доцноантичкиот – рановизантиски период, којшто значително ја девастирал постарата праисториска населба од доцното бронзено и полно железно време.