Пред две години ги остави работниците на улица – денес „моли“ да се вратат назад
Некаде во средината на 2021 година околу 230 работници од светиниколската конфекција останаа без работа. Мнозинскиот сопственик на оваа конфекција Ангел Димитров, еден од најголемите борци против зголемувањето на минималната плата, денес, преку парични награди „моли“ за квалитетни работници.
Работниците тогаш беа оставени на улица и без егзистенција во време на корона кризата, а најголем дел од нив биле вработувани со договор на определено време, по што компанијата АД Мода ги искористи законските слабости и немаше никаква обврска кон отпуштените работници.
Оваа недела, во медиумите стана популарна фотографијата од „соопштението“ во оваа конфекција, која секој работник го наградува со 5000 денари, доколку „доведат нов работник“ во компанијата.
Но, дали целата оваа приказна е така наивна. Имено, сопственикот на конфекцијата и еден од најистакнатите од Здружението на работодавачите, кој се бори против секое покачување на минималната плата е еден од застапниците на идејата за „увоз“ на работници од странство. Се поставува прашањето дали ова е „блеф“ или дел од тактиката на работодавачите, да извршат притисок и поткрепат тезата на власта за увоз на работници од странство.