Димиторов и работодавачите против зголемување на минималната плата

Во пресрет на вториот круг од локалните избори, политичката елита се присети на луѓето кои работат за минималец (а такви се 70% од населението) а, за да им се додвори на оваа група гласачи, популистички најави зголемување на минималната плата.

Но и ваквата политичка мантра, која во главно е познато за што и кога се користи, наиде на силно спротивставување од страна на работодавачите. Од организацијата на работодавачите, чии членови го поседуваат најголемиот дел од капиталот во државата, се огласија против оваа идеја и застанаа против работниците.

Првиот човек на Организацијата, Ангел Димитров (поранешен пратеник на СДСМ), кој во изминатите неколку месеци остави околу 250 текстилни работници на улица, а од фирмата која некогаш броеше над 1000 вработени, нарправи денес истата да не работи ниту со 1/3 од својот капацитет, е фронтменот во борбата против зголемувањето на минималната плата.

Димитров смета дека не смее да има (како што тој го нарече политичко) покачување на платата. „Може да се покачи минималната платата ако одлучат Владата и Парламентот, но тоа би било политичко покачување на платата.“

Тој вели дека поголемо зголемување на минималецот може да доведе до повеќе негативни ефекти и ќе ги демотивира добрите работници да работат.

„Голем процент од вработени во Македонија ќе земаат минимална плата што ќе ги демотивира добрите работници кои ќе нема логика зошто да работат кога ќе примаат иста плата“, – тврди Димитров.

Инаку, во фирмата со која управува, првиот човек на организацијата на работодавачи, на работниците кои беа напуштени од работа изминатите месеци, (иако работат години наназад во конфекцијата), не им било доделено решение за работен однос на неопределено време, а на оние кои имале вакви договори истите им биле преиначени во договори на определено работно време.

Ова законско решение за кое лобираа токму од организацијата за работодавачи, Димитров го искористи за да ги отстрани законските обврските кон работниците и без никаков проблем ниту одговорност да ги остави без работа, така што едноставно не им го продолжува договорот. Истовремено, тој е работодавачот кој ги тераше работниците (дел од нив сега веќе напуштени) да работат на почетокот од пандемијата кога беа донесени првите забрани.