Путин со честитка за денот на државноста на Србија
Рускиот претседател Владимир Путин вчера му испратил телеграма на српскиот претседател Александар Вучиќ по повод Денот на државноста на Србија. Во телеграмата Путин истакнува дека Русија ја цени балансираната надворешна политика на Белград, пренесува руската државна новинска агенција Тас. Прес-службата на Вучиќ потврди дека рускиот амбасадор во Белград, Александар Боцан-Харченко му доставил телеграма на Вучиќ.
„Примете искрени честитки по повод националниот празник на вашата земја, Денот на државноста. Србија е важен и доверлив партнер на Русија. Високо го цениме урамнотежениот надворешнополитички курс што го води Белград во сегашните сложени меѓународни околности“, се вели во телеграмата.
„Ги поддржуваме вашите напори насочени кон одбрана на територијалниот интегритет на земјата и решавање на косовското прашање. Убеден сум дека понатамошниот развој на руско-српското стратешко партнерство целосно одговара на интересите на нашите братски народи. Искрено ви посакувам добро здравје и успех, како и благосостојба и просперитет за сите граѓани на Србија“, порачува рускиот лидер.
Во Србија, 15. и 16. февруари се слават како Национален ден во спомен на Првото српско востание (1804-1813), со кое започна борбата на земјата за независност од Отоманската империја. Датумот е важен и поради фактот што првиот устав на Србија бил донесен на 15. февруари 1835 година.