Никој не понесе одговорност за смртта на Благојче – За Ковачевски бирократијата е крива

Помина цела седмица од смртта на Благојче Илиевски, кој очајно бараше државата да му го обезбеди лекот за цистична фиброза никој не понесе одговорност, ниту пак некој е разрешен од функцијата. Единствената измена се случи во Министерството за здравство, но, за жал промената на Министерот беше поради политичка одлука, а не поради одговорност.

За оставки од морални причини не размислуваат ниту директорите на Фондот, Магдалена Филиповска Грашкоска и Фатон Ахмети, членовите на УО, ниту пак директорот на секторот финансии на ФЗО, бидејќи утредента откако почина 45-годишниот битолчанец Фондот по наредба на Премиерот најде пари од резервите за да може да се набави “Трикафта” за најкритичните пациенти, а претходно со месеци здравствените власти беа “глуви” за барањата на болните дека модулаторната терапија за нив живот значи.

За неизбараниот премиер, секако вината не е ниту во него ниту во подпросечните капацитети на владата, за Ковачевски виновна е бирократијата. Според она што се случува, очигледно е дека лидерот на СДСМ не побарал одговорност од првите луѓе на Фондот, ниту дали ќе го промени тој начин на фунционирање поради кој пациенти јавно молат за терапија, а болни умираат чекајќи државата да им го набави лекот.

Случајот со смртта на пациентот од цистична фиброза јавноста го спореди со малата Тамара од Велес, но тогаш пред точно 8 години првите луѓе на Фондот за здравство Маја Парнарџиева Земејкова и Џемали Мехази почувствуваа морална одговорност и си дадоа оставки.