АктуелноЛокалноСтав

Симонов: Од „ќе ги вратиме младите назад“ стигнавме до „ќе доведеме работници од странство“

По зголемените барања на работодавачите кои активно вршат притисок врз централната власт за законски измени кои ќе овозможат увоз на работници од странство и најавата на Министерот Битики за реализација на овие барања, членот на Централниот Комитет на Левица, Александар Симонов, потсети на лажните заложби на СДСМ и ДУИ од пред изборите.

Од „ќе ги вратиме младите назад“ до „ќе овозможиме ‘увоз’ на работници од странство“ и тоа внимавај, по барање на чорбаџиите!, – напиша Симонов.

Изминатата недела беше споделена информацијата за иселување на голем број ученици од основните училишта само во првото полугодие, по што тој постави контра теза од министерот, констатирајќи дека работната сила од Македонија се „отселува“ поради лошите услови кои ги нудат работодавачите, додека Владата ги подржува истите.

Е сега, само од Штип се испишани 81 ученик од осмолетка, поради иселување во странство, за едно полугодие. Во истиот тој град чорбаџиите плачат дека им фалат работници (најмногу во текстилна, но и во други индустрии) и спремаат терен, башка подмачкуваат секаде каде што е потребно, за да добијат закон за „увоз“ на работна сила, по своја мерка! Да друже, истите оние чорбаџии кои се бунат против секое покачување на плата, чие изживување со години го трпеле многу работници, кои условите за работа што ги овозможуваат се под секој достоен човечки минимум, се жалат дека „нема работници“!

Симонов смета дека доколку Владата на СДСМ и ДУИ дозволи ваква законска регулатива, ова ќе овозможи трајно менување на демогравската слика во Македонија, а не ја исклучува ниту можноста, ваквите решенија да допринесат за зголемување на иселувањето.

Чорбаџиите секогаш биле отуѓени од човекот и ќе останат како такви, а уназадувањето што го нанесуваат на народот, нацијата и државата, не се мери нит во светлосни години! – Како тие ја менуваат демографијата, па тоа веќе не може ниту пописен фалсификат на СДС и ДУИ да го скрие!

Членот на Левица дополни дека во време кога прашања за националните интереси доминираат и се проблематизираат најмногу во јавниот дискурс, работодавачите во Македонија, домашни и странски, ги отселуваат младите од државата.

И сега, додека е дигната бука за чив е Гоце, и дали постојат Македонци или не, да забележиме дека Македонците не си отидоа, туку ги набркаа, и тоа нит зли соседи или „црни врани“, туку чорбаџиите, што домашни, што странски, претставени како месијантски филантропи што не спасуваат од бездната која сами сме си ја направиле.

На крај, согласно усогласените параметри, Симонов посочи дека за ниска невработеност се смета само доколку невработеноста во земјата е под 5%.

p.s. Нека му објасни некој на „Министерот“ дека ниска невработеност е под 5%, а не 14%, заклучи Симонов.