АктуелноЛокалноСтав

Исмаил: Со поставената мерна станица кај Усје ќе се зголеми јавниот притисок кон најголемите загадувачи

На последната седница на Советот на Град Скопје, беше усвоена иницијативата на Левица за поставување на мерна станица за квалитетот на воздухот кај компанијата „Титан Усје”. Советникот од Левица, Реџеп Исмаил, во својот говор истакна дека со оваа мерна станица, жителите ќе можат конинуирано да го следат загадувањето на воздухот и да бараат одговорност од институциите.

„Имаме констатација од неколку институции дека компанијата УСЈЕ е загадувач во Град Скопје. Веднаш потоа, низа медиуми излегоа во одбрана на овој олигарх.

Јас не му верувам на Министерот за животна средина кој е безгласна буква во оваа Влада, не му верувам ниту на градоначалникот на Oпштина Кисела вода кој четири месеци ја нема спроведено поднесената иницијатива за поставување мерна станица. На крај, јас не ѝ верувам ни на извршната власт на Град Скопје, затоа што јас сум член на Советот на Град Скопје и како такво политичко тело – одлуките на овој Совет ја обврзуваат извршната власт на Град Скопје.

Со поставената мерна станица кај УСЈЕ, граѓаните секој ден континуирано ќе можат да видат колку се загадува околу овој индустриски објект, за потоа да можат во врат да им дишат на одговорните и да побараат одговорност.”
– истакна советникот на Левица.