Огромниот скок на референтната стапка значи екстра профит на лихвобанките
Пишува: Јулијана Штрковска Колариќ – Координатор на Левица – Сектор финансии
Народна банка ја објави новата референтна стапка за пресметување на стапката на казнена камата за периодот од 1 јануари до 30 јуни 2023 година, во износ од 4,75%. Претходната година се движеше од 1,25%, до 2% во второто полугодие, но ова е највисок скок во последните 12 години.
Со оваа стапка се пресметуваат негативните салда на тековните сметки, кои во ноември 2022 година изнесуваа 108 милиони евра, како и одобрените кредити на кредитните картички во износ од 169 милиони евра истиот период. Банкарите ќе остварат многу повисоки приходи по овој основ, затоа што на казнената камата во висина од 7,95%, ќе ја додадат новата референтна стапка.
Не се во поповолна положба корисниците на кредити со променлива каматна стапка, поради тоа што е врзана или со СКИБОР, или шестмесечен ЕУРИБОР, или со каматната стапка на благајничките записи, која од 1,25% пред една година, се зголеми на 4,75%. За нередовните плаќачи се пресметува како и претходно – највисоката законски дозволена каматна стапка.
Иако се соочуваме со инфлација на трошоци, Народната банка и понатаму ја зголемува референтната стапка, со што ќе им овозможи дополнителни екстра профити на комерцијалните банки. Затегнувањето на монетарната политика не е ефикасно, како што се мерките кои би се презеле со фискалната политика,
Лихвобанкарите последниве години не се погодени од економската криза, напротив остваруваат неверојатно високи профити на сметка на осиромашените граѓани, кои претежно ги користат нивните крајно неповолни кредити од егзистенцијални причини. Најранливата група граѓани, барајќи излез од безизлезната ситуација во која нè доведе власта, остануваат заробени во долгови и двојно ја плаќаат својата сиромаштија.