Мадуро: Мора да се ослободиме од стариот капиталистички модел

Истакнувајќи го економското закрепнување на Венецуела во 2022 година, претседателот Николас Мадуро изјави дека по повеќе од 100 години, Венецуела која увезувала „практично 80-85% од сè што се консумира, денес произведува 94% од храната за сопствени потреби“.

За време на интервјуто на почетокот од новата година, Мадуро ги истакна напорите на народот и владата да се соочат со над 900 еднострани присилни мерки и санкции спроведени од САД и нејзините сојузници.

„Беа воведени криминални санкции против целото венецуелско општество, против економијата, против производствениот апарат, против нафтената индустрија. За земја со БДП од 56 милијарди долари да падне на 700 милиони долари за една година е катастрофа.“

Претседателот на Венецуела истакна дека без водење социјална политика државата тешко можела да опстои.

„Сепак, благодарение на револуционерната социјална политика и социјалните мисии на револуцијата, можевме да го издржиме разорното влијание на санкциите, прогон и оваа војна. Тоа беа економски проектили, проектили лансирани против целата економија, против целото општество…“, рече Мадуро.

Мадуро истакна дека ова е „најголемата штета што може да се направи на економијата што произлезе од неразвиеноста“, особено ако е „подложена на империјалистичко малтретирање и прогонство“.

Венецуелскиот претседател укажа и на важноста да се продолжи со градење на економски модел независен од приходите од нафта, и покрај укинувањето на блокадата против Венецуела. На прашањето за важноста од „диверзификација на венецуелската економија“ Мадуро рече:

„Нашиот пат не може да биде враќање на зависноста од нафтата. Нашиот пат e целосно да ја ослободиме економијата од зависноста од нафта и да се ослободиме од стариот капиталистички модел кој постојано не задолжува“.