Како одговор на европските санкции за дизел, ЕУ ќе купува (руско) гориво од Индија

Имајќи предвид дека пред војната во Украина, Русија беше најголемиот снабдувач на гориво во Европа, се очекува дека последицата од санкциите за увоз на дизел, кои ќе стапат на сила на 5 февруари, ќе доведат до големо пренасочување на светските текови на овој енергенс – со помош на нови купувачи на сурова нафта од Русија, кои потоа ќе го испраќаат преработеното гориво назад во Европа – по очекувано повисоки цени.

На дневна основа Европската унија ќе треба да замени околу 600.000 барели дизел што ги увезуваше од Русија, па веќе се забележуваат поголеми пратки од ЕУ и САД, како и од Индија, наведува „Блумберг“.

Од почетокот на конфликтoт во Украина, Индија станува значаен снабдувач на гориво за Европа – таа е и најголемиот купувач на руска сурова нафта, која ја купува по повластена цена. Големото зголемување на трговијата со индиски дизел секако ја поддржува тезата дека руската нафта се купува и преработува во Индија, а потоа се продава во Европа.

Таквата трговија не ги нарушува европските ограничувања, туку ја нагласува неефикасноста на санкциите. Во суштина, горивото се транспортира илјадници километри подалеку отколку што вообичаено би било, а потоа се враќа назад.

Досега во Европа оваа зима, поради невообичаено топлото време, беа избегнати најлошите предвидувања за недостиг на нафта и нејзините нуспроизводи како што е дизелот.