Левица: Лошото раководење од Тимчо Муцунски кулминира со огромно задолжување од 5.4 милиони евра

  • Реакција на Левица ЛО – Аеродром

Една од најбогатите, но за жал најлошо водените општини во Македонија, општина Аеродром за прв пат во својата историја ќе се задолжи за 2023-та година со кредит од 5.4 милиони евра.

Задолжувањето за 2023-та ќе биде огромни над 30% од буџетот за истата година, што би било еквивалентно кога Македонија би се задолжила со 2 милијарди евра за една година.

Овој кредит нагалено наречен „зелена” обврзница се зема кога каматните стапки се највисоки во последните 20 години во Македонија и ќе ја втурне општина Аеродром во должничко ропство со што ќе треба да плаќа камати од скоро 1 милион евра годишно во наредните 10 години и да врати близу 10 милиони евра за земените 5.4 милиони.

Нашите советници принципиелно гласаа против ова задолжување кое беше изгласано од мнозинството на вчерашната седница. Доколку општината има можности да плаќа еден милион евра рата годишно десет години за оваа обврзница, тогаш општината може за пет години истите пет милиони евра да ги проектира за капитални инвестиции, наместо да плаќа камати кај лихвобанкарите.

Градоначалникот Тимчо Муцунски поради лошото водење на општината кое сѐ повеќе станува очигледно, во паника се одлучи да земе преголем залак од кој сите ние жители на Аеродром во наредните 10 години ќе се давиме. Општината планира годинава да ги потроши парите од кредитот за да започне градба на повеќе капитални проекти кои во идеални услови се градат за 3-4 години и за продолжување на градење на истите проекти неминовно ќе бидат потребни нови и нови задолжувања во следните буџети.

Знаејќи ја алчноста на ВМРО ДПМНЕ, на крајот од мандатот на Тимчо Муцунски општината ќе заврши со блокирана сметка од огромни долгови, недовршени капитални објекти и неможност за финансирање на истите, кои ќе скапуваат на забот на времето.

Општина Аеродром со добро раководење може сама од својот буџет да двои милион евра за капитални инвестиции кои се насушно потребни како градинки, школи, паркинзи, паркови, реконструкција на улици и за пет години да ги реши овие акутни проблеми за жителите. Наместо да плаќа милион евра годишно наредните 10 години кај лихвобанкарите. Со овие пари за десет години може сите проблеми до најситниот во општината да бидат решени со добро раководење.