АктуелноЛокално

Новиот бразилски претседател Лула да Силва веднаш по инаугурацијата ја суспендираше приватизацијата на големите државни компании

Симболот на левицата Луис Игнасио Лула да Силва и официјално стана претседател на Бразил на инаугурацијата што ја бојкотираше шефот на државата во заминување Жаир Болсонаро. Церемонијата беше организирана со големи безбедносни мерки поради заканите од екстремната десница. Шест часа претходно, стотици поддржувачи, облечени во црвено, бојата на Работничката партија на Лула (ПТ), излегоа на улиците на главниот град и пред безбедносните контролни пунктови формираа редица од неколку километари.

Новиот бразилски претседател Лула да Силва веднаш ја суспендираше приватизацијата на големите државни компании што ја најави неговиот претходник, пишува порталот Г1.

„Претседателот одлучи да го поништи процесот на приватизација на 8 државни фирми меѓу кои има нафтена компанија и пошта, кој беше почнат од претходниот претседател Жаир Болсонаро“ јавуваат медиумите.

Лула исто така вети дека ќе ги поништи и другите штетни одлуки направени за време на Болсонаро, во чиј мандат се спроведе и масовна сеча на шумите во Амазон до највисоко ниво во последните 15 години. 

„Без оглед на мотивацијата на поранешниот претседател, дрвосечачите, рударите, земјоделците и другите индустрии за екстракција, на кои тој им дозволи пристап во домородните и заштитени делови од земјата, сега ќе мора да бидат отстранети“, истакна Лула. Лидерот на Работничката партија заработи меѓународна пофалба за намалувањето на уништувањето на шумите во Амазон што го надгледуваше за време на неговите претходни два мандати.

Новиот претседател на Бразил се сретна со претседателите на Аргентина, Алберто Фернандез, на Боливија, Луис Арсе, на Еквадор, Гиљермо Ласа, на Чиле, Габриел Бориќ и на Колумбија, Густаво Петро.

Неколку часа по преземањето на функцијата, Лула отиде да присуствува на бдеењето за фудбалската легенда Пеле. Тој сакаше лично да му оддаде почит на трикратниот победник на Светскиот куп и отпатува во градот Сантош, каде што ќе се одржи погребот.