Симонов: Намерно се манипулира со рејтингот на партиите за да се дискредитира Левица

Минатата седмица беа објавени резултатите од истражувањето на Центарот за истражување на Републиканците во Македонија, кои ги објавија актуелните рејтинзи на политичарите и политичките партии. Координаторот за Надворешна политика на Левица, кој воедно е дел од аналитичкиот тим на партијата Александар Симонов посочи сомневања во објавените бројќи, потсетувајќи дека ваква анкета на ИРИ што беше објавена минатата година, неколку месеци пред локалните избори, но бројките објавени во истата биле многу различни од она што се случи на денот на изборите.

„Некој месец пред локалните избори одржани минатата година, од ИРИ правеа вакво истражување кое испостави видливо различни резултати споредено со бројките добиени на денот на изборите“, – напиша Симонов.

Споредувајќи ги резултатите од локалните избори и рејтингот кој го предвидуваа од ИРИ за резултат на изборите, координаторот укажа на разликите кои се за повеќе од дупло кога се споредуваат прогнозите и изборните резултати.

„Според истражувањето на ИРИ Левица во Општина Ѓорче Петров требаше да освои најмногу гласови од сите други општини во Македонија, односно 6%, и ја утнаа ептен! – Левица во Ѓорче Петров освои 13,79% од гласовите (што е дупло разлика), а оваа општина не беше местото каде што освоивме најмногу гласови во цела држава, туку Аеродром, со освоени 17,4% од гласовите.“

Ваквите промашувања во прогнозите во кои се намалуваат рејтинзите на Левица, Симонов ги дополни со примерите од Град Скопје, каде согласно прогнозата на ИРИ Левица требаше да освои 4% од гласовите, а таа доби дупло повеќе, и во Штип, каде промашувањето беше огромно, од над 6%.

„Во Град Скопје од ИРИ за Левица предвидуваа освојување на 4% од гласовите, и тука утката на истражувањето беше за дупло, таму освоивме речиси 9%! Во Штип ИРИ за Левица предвиде освојување на 1% од електоратот, и таму „малку“ ја утна, Левица освои 7,4%!“ – дополни тој.

Според Симонов, ваквите „промашувања“ на сметка на Левица, што секогаш го намалуваат рејтингот на партијата за најмалку дупло, во споредба со резултатите добиени од денот на изборите и тоа во континуитет од неколку години не се случајни. Тој тврди дека овие истражувања (анкети) се прават со цел да се креира јавно мислење, кое ја намалува вредноста на партијата, а истите овие бројки подоцна агресивно се наметнуваат како апсолутни пред електоратот.

„Да не тупам за секоја општина одделно, јасно ви е. – Во сите општини го утнаа рејтингот на Левица и тоа за најмалку дупло помалку! Сите што се бават со истражувања и анализи за грешки во истражувањето секогаш оставаат простор, но да направиш утки за над дупло и сите тие намалувања на рејтингот да се направени на контото на иста политичка партија, (и тоа во континуитет од неколку години) не е никаква статистичка грешка или истражување, туку е алатка за креирање на јавното мислење!“ – заклучи тој.

На крајот Симонов кратко додаде „Пред броевите и Републиканците молчат!“