Заев не е инцидент – туку производ на занесот од евро-атлантската политика

Статус на Адела Ѓоргиоска.


Потребно е повеќе од емотивна катарзична реакција за трезвено да согледаме кој и како го поплочи патот до бездната во која се наоѓаме. Во спротивно ќе продолжиме да се гледаме на дното кое упорно ни го претставуваат како врв.

Коцкарот Заев вчера ги отвори картите и ни понуди избор, или ќе му веруваме нему и ќе бидеме лојални на разорните анти-државнички политики на неговата Влада или ќе бидеме лојални на нашите дедовци и баби кои гинеле за создавање и градење на Македонска држава. Трето нема. Нека не’ ве залажуваат емотивните реакции кои почнаа да доаѓаат и од неговите поддржувачи. Порано или подоцна повеќето од нив ќе (се обидат да) најдат компромис помеѓу овие две позиции и на крај ќе изберат само поелегантна форма на претставување/продавање на истата суштина – да си легнеме на брашното во име на религиското верување во фиктивниот рај – членството во ЕУ.

Како царот во старата јапонска легенда, Заев вчера многу искрено и отворено си кажа (а денес и потврди), а воедно најави и декрет дека „нашите дедовци и баби“ мора намерно да се остават да умрат на студот и да се избришат од историјата во знак на „европската иднина“. Не може да се извлече никаков друг заклучок од изјавите за ‘попречувањето на Југославија во „пријателството“ помеѓу Бугарија и Македонија’ и отстранувањето на спомениците кои сведочат за антифашистичката борба и жртвите на бугарскиот фашистички окупатор.

Ова е само најсвежиот акт на сосекување на нашата врска со историјата и отстранување на АСНОМ-ските темели на нашата државност. Му претходеше Преспа, но и сите изминати 30 години во кои нашите „баби и дедовци“ симболички и материјално беа клоцани па фрлани на транзициската депонија покрај патот до „Евроатлантските стратешките цели“. Во тие 30 години сите партии на власт, без исклучок се обединети во едно – сквернавење на се’ она што претставува споменик, потсетување или инспирација за идејата за социјализам и народна власт.

Заев не е инцидент. Тој е историски производ на занесот од евро-атлантската политика, за која стратешки цели никогаш не биле просперитетот на народот или развојот на државата, туку личниот профит и кариеризмот преку остварување на геостратешките интереси на САД и претворање на Македонија во периферен пазар за распродажба пред евро-атлантските профитери. Затоа, за обичните Македонци (од која била етничка припадност) членството во ЕУ не е никаков излез од бездната. Тоа претставува само изговор, а во исто време и фиктивна мотивација што треба да поверуваме дека би ги трансформирало истите тие кои намерно не работат или кога работат тоа го прават исклучително за приватни и на штета на јавните интереси.

Истите тие кои имаат усти полни со „европски вредности“, постојано (ќе) бараат и наоѓаат начини и (преговорите за) членството во ЕУ да го искористат за лични интереси – за градење на нивните „дипломатски кариери“, за наоѓање на нови пазари и нови клиенти за распродажба на народниот имот, јавното здравство, националните и природните богатства…самата Бугарија е доказ дека неправилната и разорна домашна политика, преку членство во ЕУ, само го надградува и прилагодува тоа што и онака го практикува- влечење интерес за неколкумина за сметка на сите останати се’ додека не ја распродадат последната капка вода и последното парче плодна земја…

Преговорите со Бугарија мора да престанат веднаш и по цена да не ги отпочнеме преговорите за членство во ЕУ. Наша примарна борба мора да биде поставувањето на одговорна народна власт која напрвин ќе направи остар рез со криминалните кланови, олигарси и неолибералните екстремисти, а потоа ќе го насочи целиот наш потенцијал кон градење на достоинствено општество каде правото, правдата и одржливиот развој не се некакви предизборни флоскули, туку итни и неодложни приоритети. АСНОМ-ска Македонија не е само историски доказ дека тоа е возможно, туку и показател дека достоинствена народна политика мора да биде нашата примарна (стратешка) цел и ориентација.


Потребно е повеќе од емотивна катарзична реакција за трезвено да согледаме кој и како го поплочи патот до бездната во…

Posted by Adela Gj on Thursday, 26 November 2020