Ние имаме право на лек – Вие имаате обврска да го обезбедите лекот
На социјалните мрежи деновие се шири апел за пациент со цистична фиброза кој бара поддршка од сите надлежни институции да му се помогне и во земјава да пристигне модуларната терапија, односно лекот „трикафта“.
Младиот Игор Пехчевски во моментов е хоспитализиран на Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија, а оттаму, лежејќи во болничкиот кревет и држејќи транспарент во рацете, пациентот порачува: „Имаме право на лек! Трикафта за сите!“.
„Човечкиот живот нема цена, а ние болните од Цистична фиброза имаме право на лек. Модуларна терапија за сите! Секој ден се бориме за здив! Вашата емпатија и желба за поддршка поткрепете ја со решавање на реалните проблеми со кои се соочуваме. Бараме современи, стандардизирани услови за лекување, бараме модуларна терапија за сите пациенти. Ние имаме право на лек, а вие имате обврска да ни ги обезбедите лековите“, напиша Пехчевски на Фејсбук, барајќи одговор од Министерството за здравство, од премиерот и од претседателот на државата.