АктуелноЛокално

Апасиев: ДУИ е пример за системска корупција што мора да биде отстранета

  • Во интервју за неделникот Фокус, лидерот на Левица, Димитар Апасиев зборуваше за растот на партијата, нивниот однос кон другите политички партии, како и за идните предизвици за Левица.

Во разговорот Апасиев констатираше дека Левица е неминовно трета политичка сила по повеќе параметри, нагласувајќи дека доколку се земе предвид партиската инфраструктура, партијата е многу подобро позиционирана од ДУИ.

„Левица станува трета партија по големина, по сите стандарди. Имено, по Ес-де-ес и ДПМНЕ по инфраструктура, ние имаме малтене во секоја трета општина канцеларија, тоа значи дека сме поголеми од ДУИ, зошто ДУИ е сконцентрирана во северно-западна Македонија.“

Во насока на односите со ДУИ, пратеникот зборуваше за антагонизмот што помеѓу овие две партии е огромен.

„ДУИ нема цел што не си ја оствари изминатите 20 години, колку што се тие на власт. Имено, тие се со секоја влада, но, ако забележувате, антагонизмот меѓу ДУИ и Левица е очигледен, ние не се мирисаме со нив во секој поглед.“

Лидерот на Левица во интервјуто додаде дека не постои можност во иднина овие две партии да коалицираат, затоа што според партијата, ДУИ е пример за системска корупција која мора да биде отстранета.

Дури и јавно кажуваат Ахмети и Груби дека со нас нема да прават коалиција, а истото и ние го кажуваме за нив. Дедукција е неминовен процес, бидејќи тие се системска корупција, малигно заболување што мора да го отстраните.

Целото интервју можете да го прочитате во неделникот Фокус.