Левица: ЕУ води деструктивни политики кон земјите од Западен Балкан
- Реакција на Левица – Сектор Надворешна политика
Слаткоречивите приказни за остварување на „европскиот сон” не даваат ниту приближно од очекуваните резултати. Во име на интеграциските процеси во ЕУ, домашните властодршци, штанцаат штетни закони и уште поштетни договори, додека народот, кој се надева на заштита од страна на Унијата, живее од празни ветувања што не му гарантираат ниту гола егзистенција.
Во однос на надворешната политика, ЕУ максимално ги заштити интересите на своите членки (Грција и Бугарија), при што Македонија стана земја принудувана да исполнува услови поставени преку нелегитимни и крајно срамни договори, додека од другата страна, се толерира газењето и омаловажувањето на македонскиот народ, па дури и целосното непочитување и на овие изнудено донесени деградирачки договори.
Слична е состојбата и во соседна Србија по потпишувањето на Бриселскиот договор. Наместо спроведување на истиот, земјата се бори против неговото газење од страна на властите во Приштина. ЕУ молкум ги оправдува токму оние што не го спроведуваат договорот чиј гарант е самата Унија и поставувајќи нови неприфатливи услови го става во потчинета положба народот на земјата што го почитува.
Ваквите политики на ЕУ ја изразуваат тенденцијата на Брисел преку интегративниот процес да манипулира со земјите од Западен Балкан и задоволува нео-фашистички барања на нејзини поедини земји членки, претворајќи ја Унијата во империјалистичка маша, што преку вазалните елити, непрекинато ги загрозуваат националните интереси и суверенитетот на овие земји, со цел спроведување на сопствена агенда за задоволување на апетитите на САД.
Несомнено, доколку Брисел продолжи да го третира Западниот Балкан како своја неоколонија, народите ќе мораат да се свртат спротивно од вазалните власти и да побараат нови сојузници и партнери на светската политичка арена, опција која е отворена во периоди на големи гео-стратешки промени и градење на новиот мултиполарен свет.