Сè делува како иднината освен ние

Следниов текст е превод и ставовите изразени во него не нужно се совпаѓаат со ставовите на редакцијата.


Работниците во фабриките на Тесла зборат за болката, повредите и стресот: „Сè делува како иднината освен ние“

Кога Тесла купи затворена фабрика за автомобили во Фремонт, Калифорнија, Елон Маск ја трансформираше старомодната, синдикализирана градба во фалената „фабрика на иднината“, каде што џиновски роботи, именувани по франшизата Икс Мен, обликуваат и виткаат парчиња метал во внатрешноста на сјајно-белa мека за напредно производство.

Апетитот за електричните автомобили на Маск и неговото ветување за нарушување на автомобилската индустрија која се потпира на јаглерод, допринесоа вредноста на Тесла да ја надмине онаа на Форд и барем накратко, на Џенерал Моторс. Но некои од луѓето кои, заедно со роботите, работат во фабриката, се жалат од исцрпувачкиот притисок – за кој велат дека е последица на агресивните производствени цели на Маск – и од повредите кои некогаш им го менуваат животот.

Според извештаите за инциденти добиени од Гардијан, од 2014, 100 пати биле повикани амбуланти за работниците кои искусиле онесвестување, вртоглавици, грчеви, пореметување на дишењето и болки во градите. Стотици повеќе амбуланти биле повикани за повреди и останати медицински проблеми.

Во телефонско интервју за условите во фабриката, која што има околу 10000 вработени, извршниот директор на Тесла призна дека на работниците „им било мачно, временски работеле долго и на тешки задачи“, но кажа и дека се грижи за нивното здравје и благосостојба. Неговата компанија вели дека безбедносниот извештај се има значително подобрено оваа година.

Маск исто рече дека Тесла не треба да биде споредувана со останати големи американски производители на автомобили и дека нејзината пазарна капитализација (која сега изнесува над 50 милијарди долари) е неоправдана. „Верувам дека оваа пазарна вредност е повисока од тоа што го заслужуваме“, рече тој, посочувајќи дека неговата компанија произведува само 1% од целосното производство на Џенерал Моторс.

„Ние сме компанија која што губи пари“, додаде Маск. „Ова не е ситуација во која што ние сме само алчни капиталисти кои одлучиле да ја занемарат безбедноста со цел да остварат поголеми профити. Ова е само прашање на тоа колку пари ние губиме. И како да преживееме? Како да не изумреме, со што нашите работници би останале без работа?“

Описот на Маск за пристапот на компанијата се разликува од оној на 15-те сегашни и поранешни работници кои со Гардијан зборуваа за културата на долгите работни часови под огромен притисок, понекогаш придружен со болка и повреди, со цел да се остварат амбициозните производствени цели на извршниот директор.

„Гледав луѓе кои се онесвестуваа, паѓаа на подот и си ги столчуваа лицата“, вели Џонатан Галеску, производствен техничар во Тесла. „Нас само нè праќаа да работиме околу него, додека тој сè уште лежеше на подот.“

Тој е само еден од неколкуте вработени кои велат дека виделе соработници кои се онесвестуваат или се однесени со амбуланти. „Имавме еден познаник кој цело време работеше и наскоро се струполи на подот“, рече Мики Катура, работник на лентата за пакување батерии.

Ричард Ортиз, производствен работник, ja фалеше технолошки развиената продавница. „Небаре сi умрел и си завршил во рајот за автомеханичари“. Но, тој додава: „Сè делува како иднината освен ние“.

Тесла е помеѓу технолошки старт ап, не притиснат од правилата на старата економија, и производител кој треба да произведе физички добра. На ниедно место не е таа контрадикција поочигледна отколку што е кај Тесла, каде што бомбастичното предвидување на Маск дека неговата компанија ќе произведе 500000 автомобили во 2018 (пораст од 495% во однос на 2016) исто толку се потпира на потта и силата на илјадници работници, колку што се потпира на футуристички роботи.

„Колку што разбрав, Елон Маск ја започна Тесла слично како што се започнува старт ап за апликации, и не разбра дека тука не станува збор само за бубалици кои пишуваат на компјутери“, вели еден од производствените работници, кој е меѓу неколкумина кои побараа да не им биде споделено името. „Кога илјадници луѓе работат физичка работа, чувството на старт ап компанија навистина започнува да се губи.“

Во февруари, Хозе Моран, работник на Тесла, објави блог во кој постави детални обвинувања за задолжителна прекувремена работа, високи стапки на повреди и ниски плати во фабриката и откри дека работниците сакаат да се синдикализираат со Обединетите Автомобилски Работници.

Објавата на Моран ја осветли работната сила која што е речиси комплетно отсутна од официјалните слики од фабриката на Тесла.

Мајкл Санчез некогаш имаше два сона: да биде уметник и техничар во автомобилски сервис. Тој рече дека бил пресреќен кога пред пет години бил регрутиран да работи во Тесла, компанија која што тој верувал дека е „дел од иднината“.

Сега Санчез има две хернијации на дисковите во вратот, на инвалидски одмор е, и повеќе не може да држи пенкало без да почувствува болка.

Тесла вели дека повредата на вработениот настанала додека тој инсталирал тркало, но Санчез вели дека таа била предизвикана од годините кои тој ги поминал работејќи на производната лента во Тесла. Автомобилите на кои тој работел виселе над лентата и неговата работа барала од него цел ден да гледа нагоре и да работи со рацете над главата.

„Понеделник ќе помине“, вели Санчез. „Вторник ќе помине. Во среда веќе чувствуваш нешто. Четврток е болен. Петок е измачувачки. Сабота само се надеваш денот да заврши.“

Производствените практики на Тесла делува ко да биле најопасни во најраните години од постоењето. Компанијата не негира дека мерливата стапка на незгоди, официјална мерка за повреди и болести што се соопштува на регулаторите за безбедност на работните места, била над индустрискиот просек помеѓу 2013 и 2016.

Тесла одби да ги објави податоците за тие четири години, велејќи дека таквите информации „не го отсликуваат начинот на кој фабриката функционира денес“.

Компанијата објави поскорешни податоци, кои покажуваат дека безбедносните незгоди се намалиле (од натпросечни при крајот на 2016 до 32% подобри од просекот). Компанијата вели дека овој пад се должи на нивната одлука да воведат трета смена, да вработат тим од експерти за ергономија и да ги подобрат „безбедносните тимови“ во фабриката.  

Маск вели дека безбедноста е од огромна важност за компанијата. „Неверојатно е навредливо и, според мене, лажно, некој да тврди дека јас не се грижам.“ Извршниот директор вели дека неговата работна маса е „во најлошото и најболно место во фабриката“, одлука донесена според неговата философија на менаџирање. „Таа не се наоѓа во удобна канцеларија.“

На почетокот на 2016, тој вели дека спиел во вреќа на подот на фабриката „за да ја направи најболната можна работа“. „Знаев дека им е тешко на работниците, работејќи долги работни времиња и тешки задачи. Сакав да работам понапорно од нив, да вложам дури повеќе часови“, вели тој. „Тоа е нешто што сметам дека менаџерот треба да го стори.“

Тој додава: „Го правиме ова бидејќи веруваме во енергетски одржлива иднина, обидувајќи се да го забрзаме доаѓањето на чистиот транспорт и чистото производство на енергија, а не затоа што сметаме дека ова е начин да се збогатиш.“

Работниците на Тесла кои зборуваа со Гардијан го повторуваат ова чувство на гордост и ентузијазам околу мисијата на компанијата. „Го менуваме светот“, вели Ортиз. „Едвај чекам моите внуци да кажат во училиште дека нивниот дедо работел таму.“

Но таа гордост не го избриша чувството на „масовно разочарување“ околу работните услови и околу повредите поврзани со работата, кои можат да се избегнат според Ортиз.

Тој неодамна ја изгуби силата во неговата десна рака, ситуација за која вели дека го „плаши“. „Сакам да ја користам мојата рака кога ќе се пензионирам“, додава тој.

Други опишуваат повторливи повреди од стрес кои се поврзани со долгото работно време. Пред компанијата да го намали просечното дневно работно време во октомври 2016, работниците велат дека постојано работеле во 12-часовни смени, шест дена во неделата. Тесла вели дека промената била „успех“ и резултирала во пад на прекувременото работно време за 50%.

Санчез и другите работници веруваат дека настанувале повеќе повреди бидејќи компанијата со години не ја гледала безбедноста на работното место како сериозен проблем. Одредени менаџери дури ги омаловажувале нивните поплаки и ги притискале да работат со болка.

Кога работниците им зборувале на менаџерите за болката, Санчез вели дека тие одговарале со: „Сите не боли. Не можете да стиснете заби?“ Алан Охоа, работник во Тесла кој моментално е на медицински одмор поради повреда, ги обвини надредените за „повисоко вреднување на производствените бројки отколку на безбедноста и благосостојбата на вработените“.

Компанијата вели дека Охоа и Санчез се особено гласни работници чии погледи не ја отсликуваат пошироката работна сила. Сепак, портпаролот на Тесла додава: „Во фабрика со повеќе од 10000 вработени, секогаш ќе има изолирани незгоди кои би сакале да ги избегнеме.“

Поплаките за работните услови во Тесла не се универзални. „Имам придобивки, имам акции, имам [платен одмор]“, вели вработен кој е во компанијата година дена. „Комплетно уживам во мојата работа и сметам дека ме третираат фер.“

Друг работник, на неодредено време, вели дека гледа тимови во фабриката кои групно се загреваат во утрата за да спречат повреди.

Сепак, некои работници велат дека односот на компанијата кон повредените работници ги обесхрабрува во пријавувањето на своите повреди. Ако на работниците им се додели „полесна“ работа поради повреда, нивната плата и осигурување се намалуваат, пракса која Тесла вели дека соодветствува со другите работници и законот во Калифорнија. Тесла вели дека некои повредени работници можат да земат и „променета работа“ со иста плата.

„Заработував 22 долари на час. Сега заработувам 10“, вели производствен работник кој двапати го има повредено грбот, работејќи во Тесла. „Тоа те присилува да се вратиш на работа.“

„Никој не сака да добие намалување на платата поради повреда, па затоа се принудуваат да работат повредени“, додава Адам Суарез, кој во фабриката работи три години.

Тесла вели дека е одлучна да ги подобри безбедносните стандарди. „Иако е невозможно да нема повреди, нашата цел е да се приближиме што е можно поблиску до нула повреди и да станеме најбезбедната фабрика во светската автоиндустрија“, вели портпаролот на Тесла.

Маск е познат по неговите ветувања кои не се остваруваат. Тој самиот признава дека основањето на неговата компанија за електронски автомобили било коцкање. Маск вели дека започнувањето автомобилски производител од почеток е најверојатно „најлошиот начин да се заработат пари“, иако додава дека „можеби ракетите се полош“. Тој вели: „на основа на прилагоден ризик за повраток, основање на автомобилска компанија мора да е најглупавото нешто во кое човек може да се впушти.“

Компанијата успева да ја зголеми производната стапка во секој квартал. Во првите три месеци во 2017, фабриката произвела повеќе од 25000 автомобили – рекорд за Тесла. За да се достигне целта на Маск за 2018, Тесла ќе мора оваа стапка да ја зголеми пет пати.

„Мислам дека еден од главните проблеми е тоа што луѓето на високи позиции поставуваат нереални квартални цели“, вели работник на лентата за пакување на батерии.

Тројца работници опишуваат менаџерска тактика со која на секој застој на производната лента се доделува парична вредност. „Еднаш, кога роботот се расипа, [надредениот] започна да ни се дере, ‘Тоа се 18000 долари, 20000 долари, 30000 долари, 50000 долари бидејќи вие не можете да го поправите’“, се потсетува Галеску.

Тесла вели дека предизвикот да се изградат превозни средства од почеток со нови производствени методи не треба да се потценува, но дека „нема поважно нешто“ од здравјето и безбедноста на работниците.

„Се обидуваме да правиме добро за светот и веруваме дека го правиме исправното нешто“, вели Маск. „И тоа ја опфаќа и грижата за здравјето и безбедност на секој во компанијата.“

Тоа звучи похумано од начинот на кој Маск разговара со инвеститорите. „Навистина не може да има луѓе на самата производствена лента, бидејќи брзината на производство автоматски ќе се намали на човечка брзина“, им рекол тој на инвеститорите лани, обраќајќи им се во врска со заработките. „Сè уште има многу луѓе во фабриката, но тие ги одржуваат машините, ги надоградуваат, се справуваат со аномалиите. Но во производствениот процес, во суштина, ќе нема луѓе.“

Извор: The Guardian

Превод: Јован Крајевски