Светот пљачка милијарди долари годишно од богатството на Африка

Следниов текст е превод и ставовите изразени во него не нужно се совпаѓаат со ставовите на редакцијата.


Истражување од активист(к)и укажува на тоа дека финансиската помош и позајмиците дадени на Африка се далеку помали од одливот на парични средства од Африка кон даночни раеви и од цената на мерките за ублажување на ефектите од климатските промени

Повеќе богатство излегува од Африка секоја година отколку што влегува во неа – повеќе од цели 40 милијарди долари разлика – според истражување кое ги оспорува проблематичните перцепции за странската помош.

Анализата на коалиција на активист(к)и за еднаквост и развој од Велика Британија и Африка, вклучувајќи ја и Глобална правда веднаш (Global Justice Now), тврди дека остатокот од светот профитира повеќе од богатство на Африка отколку поголемиот дел на Африканци.

Според истражувањето, Африка добила 162 милијарди долари во 2015,  претежно во форма на заем, парична помош и дознаки од странство. Но истата година 203 милијарди евра биле одлеани од Африка, директно преку мултинационални компании со нелегален трансфер на пари во даночни раеви или преку мерки наметнати од остатокот од светот за ублажување на ефектите од климатски промени.

Ова резултирало со годишен финансиски дефицит од 41.3 милијарди долари од 47-те држави во Африка, каде што многу луѓе остануваат заробени во сиромаштија, според извештајот „Чисти сметки 2017“ (Honest Accounts 2017).

Активист(к)ите велат дека недозволените финансиски трансфери (односно нелегално движење на пари меѓу држави) изнесуваат 68 милијарди долари годишно, три пати повеќе од 19-те милијарди што Африка ги добива во форма на финансиска помош од други земји.

Тим Џонс, економист од Јубилејната кампања за долг (Jubilee Debt Campaign) изјави: „Клучната порака што сакаме да ја пренесеме е дека повеќе пари се одлеваат од Африка отколку што влегуваат во Африка, и доколку сакаме да најдеме решенија за сиромаштијата и економската нееднаквост во приходи, мораме да помогнеме овие пари да се вратат.“

„Клучните фактори кои придонесуваат кон оваа нееднаквост вклучуваат неправедно плаќање на долгови и мултинационални компании кои кријат приходи преку затајување на данок и корупција.“- додаде тој.

Африканските влади добиле 32 милијарди долари во вид на позајмици во 2015, ама платиле повеќе од половина од тоа – 18 милијарди долари – како камата на долгот, при што нивото на долг расте драстично.

Доминантниот наратив, според кој владите на богатите држави тврдат дека нивната странска финансиска помош ѝ помага на Африка, е всушност одвраќање на вниманието и e неточен, тврдат активист(к)ите. Ајша Додвел, активистка од Глобална правда веднаш (Global Justice Now) изјави: „Во западните општества постојано се повторува дека Африка е сиромашна и дека на Африка ѝ е потребна нашата помош. Ова истражување покажува дека на државите во Африка всушност им е потребно светот да престане систематски да ги пљачка. Иако видот на колонијално пљачкање можеби се променил во текот на годините, суштината на истото останува непроменета.“

Извештајот истакнува дека Африка има огромни богатства. Минералното богатство на Јужна Африка се проценува дека вреди околку 2.5 трилиони долари, додека пак вредноста на минералните резерви на Демократска Република Конго се проценува дека е околу 24 трилиони долари.

Сепак, природните ресурси на континентот ги поседуваат и експлоатираат странски, приватни корпорации, посочува извештајот.

Бернард Адаба, аналитичар на политики од Исодек, Центар за интегриран општествен развој, (Isodec: Integrated Social Development Centre) од Гана, вели: „Развојот е бесцелен во Африка се додека крваво излевамe милијарди секоја година преку екстрактивните индустрии (рударски, нафтени итн.), западните даночни раеви, нелегалното сечење дрва и рибарство. Сериозни структурни промени треба да се направат за да се промовираат економски политики кои ќе ѝ овозможат на Африка најдобро да им служи на потребите на Африканците, а не само да биде „крава за молзење пари“ за западните корпорации и влади. Крварењето на Африка мора да престане!“

Сепак, Маја Форстатер од Центар за глобален развој (Centre for Global Development), тинк-тенк за развој, рече дека извештајот не обезбедува суштинска перспектива на проблемите.

Форстатер рече: „Има 1.2 милијарди луѓе во Африка. Овој извештај ги гледа овие луѓе и нивните институции како неподвижна кофа во која се влеваат или од која се крадат пари, наместо како дел од динамични и растечки економии. Насловните страни како „41 милијарда…“ треба да бидат ставени во контекст, да се земе предвид дека целокупниот БДП на Африка е некои 7.7 трилиони долари. Економиите не растат со натрупување на приливи и спречување одливи, туку со овозможување на луѓето да инвестираат и учат, да ги адаптираат технологиите и да имаат пристап кон пазарите.

Некои од проблемите кои ги истакнува извештајот – како на пример нелегално сечење на дрва, рибарство и цената на приспособување кон климатските промени – се важни, но додавањето на сите очигледни приливи и одливи се чини бесцелно.“

Форстатер исто така изрази сомнежи во поглед на методологијата на извештајот.

Коалицијата на активист(к)и, вклучувајќи ги Јубилејната кампања за долг (Jubilee Debt Campaign), Акцијата за здравје и сиромаштија (Health Poverty Action) и Мрежата за долг на Уганда (Uganda Debt Network) изјави дека тие што тврдат дека ѝ помагаат на Африка „треба да ја преобмислат својата улога“, и истакна дека британската влада особено треба да сноси одговорност поради својата позиција како предводник на мрежа на прекуморски даночни раеви.

Др. Џејсон Хикел, економски антрополог од Лондонската школа за економија (London School of Economics), коментирајќи за извештајот, се согласи дека доминантното гледиште за странска финансиска помош е искривено. Хикел изјави: „Меѓу многубројните проблеми  во наративот на странска финансиска помош е тоа што ја наведува јавноста да мисли дека развиените земји им помагаат на земјите во развој, но овој ист наратив ја искривува врската заснована врз експлоатација од страна на богатите врз сиромашните земји.“

Главен проблем, рече тој, се нелегалните финансиски одлевања, преку мултинационални компании, во прекуморски даночни раеви. „Велика Британија има директна одговорност да го реши проблемот доколку сака да тврди дека барем малку се грижи за меѓународната сиромаштија“, додаде Хикел.

Извештајот дава низа препораки, вклучувајќи и спречување на компании со филијали во даночни раеви да оперираат во Африкански држави, трансформирање на странската финансиска помош во процес што навистина ќе ѝ биде од полза на Африка и реконструирање на системот од волонтерски донации во систем на враќање на парите во Африка за направената штета.

Извор: The Guardian