Мунафичката власт улиема и народ – Џенет за социјалниот куфур

  • Фејсбук статус на Реџеп Исмаил – Член на Президиумот на Левица

По цена да бидам „распнат“ од страна на либтардите и ним сличните идеолошки душегрижници, неповратно заразени со детските болести на левичарењето, сепак, не можам да не го забележам лицемерието (мунафиклукот) на исламска улема – но исто така и мунафиклукот меѓу народот, кој слепо ги следи овие клерици, па незабележувајќи го нивниот мунафиклук, соучествува во ширењетo и продлабочувањето на социјалниот куфур (расипништво). За овој тип на луѓе од самиот врв на институционалната пирамида на власта, нема што ни да се зборува – тие до сега поминаа преку секој можен „куфур“ и веќе тоа воопшто не се обидуваат ниту да го прикријат.

Прво морам да кажам дека она што ме натера на ваквата пресуда, односно, она што ја „прелеа чашата“ кај мене беше последното гласање во Обединетите Нации, каде Македонија, заедно со БиХ, Турција, Албанија (ејваллах што Косово нема право на глас) – земји од Балканот каде има значителен број население со исламска вероисповед – замислете, на иницијатива на САД, гласаа ЗА Русија да плати репарации на Украина?!

Тоа што го гледате во резултативе како факт дека Авганистан, земја уништена токму од страна на САД, позитивно се изјаснила за оваа лицемерна иницијатива на САД, нека не ве буни, затоа што тоа е така оти местото на Авганистан во ОН го држат сеуште луѓе кои ниту имаат легитимтет од авганистанскиот народ а ниту живеат во Авганистан – оти нели, после повлекувањето на воените трупи на САД од Авганистан, Западот не ја признава новата влада на талибаните и соодветно на тоа, местото на оваа нација во ОН го држат уствари административците на САД кои најдобро се опишани под поимот „кафеави сахиби“ (повеќе за ова во текстот во коментар на овој пост). 

Па браќа мои муслимани, САД и земјите на НАТО ‘ршум направија по Блискиот Исток; за навек ги оштетија Ирак, Сирија, Египет, Јемен, Либија, Авганистан – земји со доминантно исламско население, во кои Американците и Европејците се само неколкумина туристи и шпиуни-кримоси. Никогаш ли не ви текна да побарате репарации од Колективниот запад за сиве овие злодела?!

Понатаму, навистина несватлива е русофобијата и целата оваа хистерија со анти-руските ставови на овие балкански земји, која во последно време зема замав како последица на улогата на „кафеаво сахибство“ која политичките елити на овие земји ја играат по диктираното сценарио на нивните господари од Колективниот запад.

Исламофобијата на Колективниот запад и нивната улога во уништувањето на земјите со доминантно муслиманско население е непобитен факт, а сепак, во овие земји, „стратешки партнери“ на Колективниот запад, очигледна е спрегата помеѓу, моменталните владејачки елити и религијата (или подобро кажано религиозниот народ). Ваквата состојба е дотолку повеќе кај албанскиот блок во Македонија, кој воедно, ем црпи претставнички легитимитет искористувајќи го исламот, а од друга страна, земјава ја става на страна на најголемите исламофоби и земји чии војски убија милиони муслимани и уништија десетици исламски градови и држави ширум светот. Па ако сакате и, Колективниот запад како политички блок од мултиполарниот свет кој се надѕира, кој застапува, промовира и служи на, во суштина, контра-исламски вредности.

Појавата на ваквите муслимани, Светата книга – Кур‘анот, како и традицијата (преданија – хадиси) ги има добро забележано, опишано а во исто време и предупредено за нивната штетност. Сето тоа може да се сведе под поимот „ал-мунафик“ (المنافق).

Јас тука само кратко ќе се задржам за куранските извори на мунафиклукот. Каршилак за „мунафик“ во нашиот јазик е зборот „лицемер/хипокрит“ – оној кој се преправа дека е верник иако всушност не верува. Во овој поглед, лицемерието, односно мунафиклакот укажува на „верски измамник“. Овој тип луѓе, Кур‘анот ги опишува без да ги наведе по име туку ја исцртува рамката во која може да се најде токму ваквиот тип луѓе во било која доба. Во Кур‘анот постои и цела глава (сура) наречена „Al-Munafiqun“ („Лицемери“, сура 63), во чии стихови се разјаснува кредото на лицемерите, нивните психолошки состојби, морални нарушувања, местото во општествениот живот на ваквите лицемери како и детали околу нивниот однос кон Божјиот Пратеник (с.а.в.с.) и верниците општо, како и нивната вредност пред Божјиот суд (Ахирет).

Интересно е што во Кур‘анот се исцртуваат два вида мунафици (лицемери). Еден вид мунафици се оние кои осцилираат помеѓу верата и неверувањето поради збунетост, ментално растројство или слабост во вербата (иман) (en-Nisâ 4/137, 143; et-Tevbe 9/44-45…). И на овој вид мунафици, според традицијата на Пратеникот (с.а.в.с.),  треба да им се пристапи, да им се укаже и помогне, за „верата од нивните јазици да се спушти во нивните срца“.

Втор вид мунафици се оние со умисла и целосно свесни за својата позиција. Како што вели Кур‘анот, „тие пред верниците велат „ние веруваме“, но кога ќе останат сами со нивните господари/ѓаволи, сепак велат: „Да! Ние сме со вас – со нив само се исмеваме“ (el-Bakara 2/14).

Кур‘анот бележи и трет тип мунафици, оние чија посветеност кон вистината зависи од нивните секојдневни световни интереси (el-Hac 22/11).

Така, во различни стихови (ајети) од Кур‘анот се опишуваат најразлични состојби на мунафиклук, нивното влијание и улога во општествено-политичките процеси, како и ситуации кои очигледно се пресликуваат на балканската исламска улема. На пример, тие (мунафиците/лицемери/хипокрити) се скржави, лажливи и арогантни (et-Tevbe 9/67; el-Münâfikūn 63/1, 5), тие се чаламџии и фалбаџии (en-Nisâ 4/142); дека ѝ штетат, како на економијата така и на културата (el-Bakara 2/205); дека го попречуваат помагањето помеѓу браќата муслимани (el-Münâfikūn 63/7); ја користат државата во сопствена полза (Âlî İmrân, 3/119) итн.

Конечно, би завршил со ајет/стих кој можеби најдобро ја отсликува општествено-политичката положба и улога на мунафиците која се обидувам да ја разјаснам во овој пост:

– „Тоа се такви личности што, оставајќи ги на цедило мумините (посветените верници) соработуваат (ги држат за партнери) со безбожниците. При нив ли трагаат по слава и почести?! Тие не знаат дека сета почест и слава единствено му припаѓаат на Аллах/Бог!“ (Nisâ: 4/139). 

Амин.