АктуелноЛокално

Емил Ниами: ЛДП без никакво искуство во лингвистиката бара промена на топоними

  • Пишува: Емил Ниами – македонски лингвист и славист, Доктор на науки по Филологија

Денес од медиумите дознав дека претставници на ЛДП (поточно Емил Кирјас и Моника Зајкова, обајцата без лингвистичко образование) побарале од МНР промена на определени топоними.

Жал ми е што морам на овој начин да реагирам, но како лингвист чија потесна област е славистиката, а особено како автор на деловите за транскрипција од источнословенските јазици во Правописот на македонскиот јазик, морам да реагирам со научни факти на паушалните и неосновани барања на двајцата членови на ЛДП.

Ќе се обидам да бидам кус и прецизен, без да навлегувам во детали, но доколку некому му е потребно дообјаснување или повеќе информации, секогаш сум на располагање.

Имено, потеклото на топонимот Киев го наоѓаме во древнорускиот јазик (јазикот на Источните Словени, предок на белорускиот, рускиот и украинскиот јазик, кој настанал како резултат на распаѓањето на прасловенското етнојазично единство во периодот на 10 век) Кыѥвъ.
За првпат во писмена форма се појавува во „Повест за минатите лета“ (Повесть временных лет т.е. Повѣсть времѧнныхъ лѣт̑ъ) во 1110 година.

Во оваа форма тој се проширил не само во словенските, ами и во најголем дел од другите јазици. Нема да должам со детален етимолошки опис, но ќе потенцирам дека е топонимот е добиен од именката кый+йев (суфискот -ев е еден од најпродуктивните во македонскиот јазик при образување на придавка изведена од лично име). Накусо, ова значи дека и неговата првична форма и сегашниот македонски назив е Киев.

Слична е ситуацијата со Запорожје, Луганск, Марупољ и многу други топоними во пределите на кои живеат Источните Словени (доколку е потребно би објаснил подетално и за нив).

Индикативно е барањето за преименување на реката Дњепар (во македонскиот јазик хидронимот е навлезен преку српскиот, со оглед на тоа што при транскрипцијата од источнословенските јазици не го бележиме омекнувањето на консонантите пред и, е и ї).

Инаку реката извира во Русија, тече низ Белорусија, а во Украина се влева во Црното Море. Во древно рускиот јазик се нарекувала Дънѣпръ, а по сложените јазичноисториски процеси е дојдено до Днепр

Инаку самиот хидоним има келтско потекло од don (вода) и ieper (горе, горна), односно горна река. Тука првенство во именувањето има веќе прифатената варијанта, со оглед на тоа што не може да постојат три називи за еден ист хидроним само затоа што истиот се наоѓа на територија на три различни земји.

Кога станува збор за Латвија, морам да констатирам дека тука станува збор за апсолутно непознавање, па дури не е направен обид барем да се „просурфа“. Имено на латвиски земјата се вика Latvija [ˈlatvija], односно официјалното име е Latvijas Republika.

Топонимот Летонија е навлезен од францускиот јазик, што апсолутно не одговара на принципите за транскрипција во македонскиот јазик, а згора на тоа не станува ниту збор за некакво влијание од рускиот јазик, ами за чисто словенска јазична традиција.

Во поглед на називот Белорусија, тука мора да се потенцира дека називот е дојден од Белая Русь (лат. Russia Alba, лат. Ruthenia Alba). Називот Русь во древнорускиот јазик е називот за Русија (погоре напишав за древнорускиот јазик). Преименувањето настанува по распадот на СССР, кога за да се дистанцира од советското минато Белорусија го смени името во Беларусь. Засега не постои официјално барање на Белорусија за нејзино преименување во Беларус.

Сакам уште еднаш да потсетам дека топонимите се сложена материја која бара големо лингвистичко познавање и дека со нив не треба да се занимаваат правници, политиколози или електроинженери, ами стручњаци од областа на јазикот.