Апасиев: Ќе ги напаѓаме заклучоците на Влада за Талат да не изиграва уставен судија
Претседателот на Левица, Димитар Апасиев, вечерва на Канал 5 го објасни референдумското прашање, каде потенцира дека партијата ќе ги напаѓа заклучоците усвоени во Собранието.
Апасиев истакна дека со усвојувањето на францускиот предлог во Собрание, Владата си поставила автогол. Според лидерот на партијата, доколку предлогот не бил усвоен во Собрание, ќе немало Акт кој може да се спори на референдум.
„Синоќа на проширен Президиум го дефиниравме прашањето со членови на Централниот Комитет. За разлика од ДПМНЕ, ние ќе ги напаѓаме заклучоците на Владата, со цел да не му даваме муниција на Талат да изигрува Уставен судија, односно да толкува Устав.
Прашањето би било: „Дали сте за продолжување на преговорите со ЕУ (слично како за Преспанскиот) со прифаќање на Собраниските заклучоци број… (ќе го цитираме архивскиот број) од 16 јули 2022. “
Според Апасиев, со вака формулирано прашање невозможно е да се одбие иницијативата формално-правно. Тој дополна дека наративот е продолжување на духот на анти-владините протести кои, според него, беа најмасовни протести откако СДС е на власт. Тој дополна дека ваквиот наратив е против бугаризацијата и очекува граѓаните да кажат НЕ, односно ПРОТИВ
Во интервјуто, Апасиев исакна дека и референдумската иницијатива на ВМРО-ДПМНЕ формално-правно не била спорна, но Џафери силеџиски ја одбил.
Тој дополна дека согласно Законот за референдум, референдум на државно ниво може да се распише за одлуки донесени од Собранието или за изјаснување на граѓаните за други прашања за кои одлучувало Собранието.
„Поентата е дека сега се оди согласно Членот 24 од Законот за Референдум. Референдум на државно ниво (ние ќе бараме задолжителен Референдум) може да се распише за одлуки донесени од Собранието или за изјаснување на граѓаните за други прашања за кои одлучувало Собранието, што значи дополнителен. Тие други прашања за кои одлучувало Собранието се овие Заклучоци кои ние ги ставаме на Референдум. Проблемот на заклучоците е во Точката 1 и во Точката 3. Ако ги читате Заклучоците, помислувате дека сѐ е заштитено.
Меѓутоа, точката 1 ја внесува Преговарачката рамка. Тоа се трите документи кои што не ни ги даваа на нас како пратеници, па моравме да ги бараме дополнително. Не го напаѓаме директно Францускиот предлог, бидејќи во тој случај Џафери ќе рече тоа не е надлежност на Собранието и ќе биде во право. За да не биде Џафери во право, Собранието самото на себе си даде автогол.
Сакајќи да покажат некоја си општонародна поддршка, бидејќи 75% од народот беше против, заедно со албанските партии, власта направи мнозинство од 60 – 70 пратеници. Иако овие заклучоци не мораше да поминат низ Собрание. Кога веќе поминаа, Собранието си даде автогол. Пред да поминат, ги повлекоа, а предлагачи беа Јован Митревски и Арбер Адеми и пред гласањето тие ги повлекоа.
Нашиот план Б уште тогаш беше за Референдум и јас помислив ни го открија планот и нема да гласаме, туку ќе мине со прост премин. Тоа Џафери деловнички можеше да го направи. Тогаш немаше да има акт, немаше што да се спори на Референдум и ќе беше многу потешко да се изведе. Сега се напенали Собранието, сакајќи да демонстрираат сила и ЕУ фундаментализам. Имате акт, кој што согласно Закон за Референдум, ние го ставаме на Референдум и сега рацете на Џафери ќе бидат прилично врзани за одбивање.” – истакна претседателот на Левица.