Крајевски: Војната помеѓу две држави не е причина за светска економска криза
- Пишува: Јован Крајевски – член на Презедиумот на политичката партија Левица
Од една страна, капитализмот веќе 200-300 години е склон да влегува во циклични кризи – појава атипична за претходните историски стази (феудализам, робовладетелство), кои запаѓаат во кризи, но не од циклична природа. При релативно стабилни и мирни времиња, пазарот периодично се “запушува” и не може да ја достави стоката до своите потрошувачи, а тие не можат да ја набават.
Дали го викате слепа трка за профит, производствена анархија, слободен пазар – не е важно. Капитализмот изнудува хипер-продукција на одредени стоки на сметка на други, кои неретко се и есенцијални. И мора да е на сметка, бидејќи имаме конечни ресурси и продуктивноста на трудот уште не ја има надминато оваа бариера.
Последицата на хипер-продукцијата не е она глатко прелевање на капиталот од индустриите со намален профит поради зголемена понуда во индустриите на чија сметка e зголемена понудата за кои глаголат соцдем, либералните и конзервативни економисти. Последицата е панично намалувње плати и отпуштање вработени за да се заштити профитот или смалат загубите.
Во индустриите пак, во кои има намалена понуда, цените растат.
Така, работниците одеднаш се истовремено притиснати од отпуштања, намалени плати и инфлација и нивната куповна моќ повеќе и повеќе тоне. Пазарот, наместо да се “отпушува”, повеќе се “запушува”.
Од друга страна, во последниве 100 и кусур години сме влезени во последната фаза на капитализмот, која се одликува со монополизација на банките, доминација на финансискиот капитал (во производството и во усмерувањето на политиката и геополитиката), поделба на светот на сфери на влијание и сл. Фаза позната како империјализам.
Во оваа фаза, преселбата на капиталот од индустрија во индустрија е додатно отежната, бидејќи неретко империјалистичките држави, во интерес на финансискиот капитал на својата буржоазија, го кочат развојот на индустријата во своите колонии и нео-колонии.
И конечно, се создава и хипер-продукција на оружје во воено-индустрискиот комплекс.
И без војната, криза ќе имаше.
Евентуално ќе имавме енергетска криза, бидејќи не се инвестира во производствени капацитети за струја.
Евентуално ќе имавме прехранбена криза, бидејќи земјоделието на земјоделецот не му се исплати.
Евентуално ќе немавме гас, бидејќи ја избравме страната што зависи од Рускиот гас, а е самодеклариран непријател на Русија.
Евентуално ќе беше многу слично на тоа што се случува сега. Војната само овој процес го убрза.