АктуелноИнтервју

„Звукот на Скопје“ е свеж здив во жешкото и долго скопско лето

Интервју со директорот на Културно информативниот центар – Скопје, Антонио Димитров

Културно информативниот центар – Скопје со зголемена и концепирана програма, викендов пред скопјани ја организира својата носечка манифестација „Звукот на Скопје“. Креирана по светски стандарди, манифестацијата ја потенцира поддршката на локалната сцена, учество на ѕвезди од соседството, ликовни изложби, поетско читање и театарска претстава за деца со цел публиката да има разновидна културна понуда, но идејата е и создавање на нова публика, прилагодувајќи се на потребите на младите. Во пресрет на манифестацијата „Звукот на Скопје“ која ќе се одржи на неколку локации низ главниот град, разговаравме со првиот човек на КИЦ, Антонио Димитров за содржините, предизвиците, организацијата, како и за настаните кои ќе се реализираат до крајот на годината.

Манифестацијата „Звуците на чаршијата“ годинава ќе донесе интересни содржини. Кажете ни нешто повеќе за програмата?

– Програмата претежно е фокусирана на музиката, но не се исклучени и другите аспекти т.е. дејности кои ги има во рамките на Културно информативниот центар – Скопје т.е. ликовната уметност, литературата/поезијата и театарот. Што се однесува до музичката програма, таа е пресек на современи музички текови и традиционални варијации, кои денес се дефинираат под терминот world music, но има и навестување на реге, new wave, па и приходеличен рок. Тоа е спој на млади групи на кои можеби им недостасува претставување на големата сцена, но и музички ветерани кои се веќе сериозно етаблирани и кои се омилени на скопската публика.

Доколу сакате имиња, тогаш тоа се Хајка, Дина Јашари, Брука бенд, Foolish Green, Доријан и Добрила, Перија, но и добро познатите Баклава, Бла бла бла, Toни Китановски и Љубојна. Ѕвездата на фестивалот е Констракта заедно со нејзиниот бенд Zemlja gruva. Во самата чаршија ќе бидат и Вива Стрингс и германците Diaz Wojtas Duo, како претставници на класичната музика.

Што се оеднесува до ликовната уметност, во рамките на фестивалот ќе има две изложби и тоа изложбата на колажи на Игор Калц и изложбата MACEDONIA на бразилските уметници Daniel Chastinet и Wilson Neto. Исто така ќе има поетско читање на локални поети, а театарот ќе се обрати на децата со возбудливата детска претстава „Куферко светскиот патник од Македонија“. 

Подготвувате ли некакви изненадувања за посетителите? Има ли некои звучни имиња?

– Мислам дека во моментов нема поактуелно регионално, па и европско име од Констракта. Се работи за проект/артистка која стана инстантно популарна благодарејќи на Евровизија која ѝ го овозможи тој пробив, и која во моментов е барана за концерти насекаде по светот. Иако на сцената е присутна одамна, дури сега го доживува својот процут како вистинска ѕвезда на интернационалната сцена. Авангардноста и нејзиниот сатиричен и критички пристап кон уметноста, елитите и општествените девијации, ја прават уште поактуелна и повозбудлива за времето во кое битисуваме. Културно информативниот центар – Скопје преку фестивалот Звукот на Скопје, овој ексклузивитет го овозможува на скопјани.

На кои места ќе може да се следат настапите на бендовите?

– Засега избравме само две главни и неколку споредни локации. Главните се плоштадот Мајка Тереза (пред Филхармонија) и паркот Ибни Пајко (зад Филхармонија). Тука ќе бидат фокусирани двете вечери од фестивалот на две засебни сцени. Два акулстични (класични) концерти ќе бидат и низ уличките на самата чаршијата. Овој пат инсистирав фестивалот да биде концентриран на (помалку или повеќе) едно централно место, без да се расплинуваме многу низ различни локации. Како прво издание во ваков облик, добро е да ги видиме капацитетите со кои располагаме, потоа поради логистички причини, а и поради тоа што месец септември е преполн со настани, па не би сакал публиката дополнително да се истоштува со гломазни програми на различни локации. И вака програмата е доволнно раскошна за целта која сакаме да ја постигнеме. Сето тоа кореспондира и со насоката во која сакам да се развива фестивалот од следната година.

Културно-информативниот центар како носител на манифестацијата има тешка задача за организирање на вака голем настан. Имавте ли предизвици во текот на подготовките? Успеавте ли да се екипирате за да ја подготвите програмата?

– За сега нема некој посебни предизвици и изненадувачки брзо беше подготвен фестивалот, дури и во вакви непредвидливи услови, криза и финансиски десеткуван. Веројанто поради претходното искуството во организаирање настани и секако познавањето на сцената, склопивме исклучително квалитетна програма, која ќе биде достоинствен репрезент на локалната и регионалната сцена и која ќе ги задоволи музичките вкусови на широк распон на генерации. Организациски екипиравме добар тим, кој ќе влезе во последната фаза од логистичката поставеност и заедно со вработените во КИЦ, би требало лесно да се соочат со овој голем предизвик. Од следната година, кога ќе знаеме со што сѐ располагаме, сѐ ова ќе биде уште полесно.

Кој се помогна во реализацијата на „Звуците на чаршијата“? Имате ли поддршка од институциите, компаниите?

– Секако. Градот Скопје стои зад финансиската поддршка, секако и со техничка помош, во смисол на дозволи, локации и сл, но имаме и извонредна соработка и со сродните установи кои се под градот (Универзална сала, МКЦ, ДКЦ, Градска библиотека). Нивната техничка поддршка, значително ја олесни целата подготовка. Дел од фестивалот е финансиран и од Министерството за култура. Оваа година првата вечер од фестивалот е реализирана во соработка и со Пакомак (Sound of green) со кои го развивме еко аспектот на фестивалот, промовирајќи ги зелените политики. Од други компании оваа година немаме поддршка, ниту пак имавме време да развиеме некаква подлабока соработка со било која од нив.

Што значи еден ваков настан за Скопје?

– Значи свеж здив во жешкото и долго скопско лето и обид за заситување на културната глад на скопската сцена, со современи музички збиднувања и разновидна културна понуда. Значи и нов, летен, open air фестивал, кој има намера да прерасне во ново скопско музичко жариште. Простор каде на голема сцена ќе може да се изразат и етаблирани, но и нови групи кој сѐ уште ја бараат довербата од публиката. Значи и промовирање на нови концертни локации во градот, оживувајќи ги во културен контекст. А ќе значи и круна на програмските заложби на Културно информативниот центар – Скопје, правејќи пресек на најдоброто од локалната и интернационалната културна/музичка сцена.

Какви се Вашите идеи за следните изданија?

– Идејата е фестивалот да се ребрендира и прерасне во еден голем, скопски, летен open air фестивал. Тоа веќе го наговестивме со поднасловот на овогодишното издание „Звукот на Скопје“. Сметам дека фестивалот „Звуците на чаршијата“ ја исполни својата улога да ја заживее чаршијата, која во моменотов е вибрантно туристичко јадро, а градот има и други локации кои би требало да ги промовираме во тој контекст. Идејата е „Звукот на Скопје“ да биде практично нов фестивал, чиј концепт ќе се надоврзе и ќе го надгради веќе етаблираниот, децениски концепт на „Звуците на чаршијата“кој си ја оствари својата цел. Фестивалот со своите следни изданија би требало да се дефинира како фестивал кој ќе има свој препознатлив визуелен идентитет и современ музички концепт, и кој ќе биде еден од централните фестивали на градот.

Како прв човек на Културно-информативниот центар, донесовте нова енергија и идеи, покрај оваа манифестација имате и голем број други настани. Што планирате оваа есен?

– Ова е носечката манифестација на установата, но по фестивалот продолжуваме со годишната програма која е дефинирана уште на почетокот на годината. А тоа значи уште многу изложби, концерти, книжевни настани, промоции, театарски претстави… Од оние кои би сакал да ги издвојам се и изложбите како јубилејната изложба по повод 60 години на фото сојузот „Денови на македонска фотографија“, фантастичната изложба на фотографии на фото репортерот Живко Јаневски, каде ќе бидат прикажани клучни моменти од македонската историја фатени низ негоивиот објектив. Од литературниот сектор би ги издвоил промоциите на новите стручни изданија „Културните политики во современите перформативни практики“ од Биљана Тануровска или пак „Хуманизам, постхуманизам, трансхуманизам“ од Иван Џепаровски, тука се и „Траума и театар: Горан Стефановски“ од Мишел Павловски, а ќе случи и промоција на поетската книга „Празно место“од Снежана Стојчевска. За декември би сакал да ја најавам и нашата јубилејна изложба „55 години Културно информативен центар – Скопје“, каде ќе изложиме дела од колекцијата, плакати и артефакти кои ќе ја прикажат богатата историја на овој културен центар.

Ова покажува дека во овие неколку месеци и покрај сите предизвици, успеавме да трасираме добра културна програма, достоинствена за културен центар од ваков габарит. А со нова и свежа енергија, и богата  и осовременета програма скроена за префинетиот вкус на скопската публика, продолжуваме и понатаму.

Интервју оригинално објавено во најновиот број на Фокус.