Капитализмот е главен загадувач на планетата
Денешните апарати од белата техника, што најчесто содржат електроника и микроконтролери, од производителите имаат сервисна поддршка и резервни делови за 5, евентуално 7 години. По истекувањето на сервисниот период, за уредите нема делови или се истите прескапи, па најчесто не се поправаат. Луѓето ги фрлаат во отпад и купуваат нови, еднакво скапи или дури поскапи уреди.
Производителите тоа го прават намерно, за да можат нешто постојано да произведуваат и да продаваат, но, исто така, за да има работа за нивните вработени. Типична слика на потрошувачкото капиталистичко општество.
На прв поглед, сите се задоволни – има работа за работниците, потрошувачите купуваат понов модел (друга работа е дали тој вистински им треба), а сопствениците на капиталот создаваат нов профит.
Но, дали некој се запрашал колку природни ресурси се неповратно уништени за да се произведе едно материјално добро? На пример, во процесот на производство на еден автомобил во атмосферата се испуштаат од 2 до 4 тони јаглерод диоксид (!), најголемиот дел во процесот на производство на лимовите, но, исто така, и за добивање електрична енергија од фосилни горива за потребите на производството.
Тоа се околу 3.000 кубни метри гасови, за чие прочистување се потребни стотици дрвја и прашање е дали ќе успеат да прочистат. Рудниците каде се ископуваат рудите на металите, исто така, ги загадуваат водата и земјата, и тоа неповратно.
Истиот проблем се однесува и на производите од белата техника. Заради еден банален електронски дефект се фрла на отпад машина од 100-200 килограми челик, за чие производство се нанесуваат огромни и непоправливи штети врз природната средина.
Тоа е второто лице на капитализмот и конзумеризмот. Дали ваквите неповратни штети по природата се вредни за дополнителниот профит на газдите, за задоволувањето на суетата на потрошувачите, па дури и за вработеноста во индустријата, која со малку повеќе памет и помалку алчност би можела да се преориентира на други, помалку штетни производства и давања услуги?
- Превземено од Фејсбук статус на Дејан Трајковски