Вчерашното невреме индикатор за децениската негрижа и криминализација на општеството

  • Реакција на Левица – ЛО Гази Баба

За жал еден краток, но пороен дожд е доволен за да се види „посветеноста“ на минатите народни избраници во Скопје и неговите општини. Со несоодветната атмосферска канализација, што и така е во мал процент, граѓаните не чувствуваат сигурност во вакви околности. Имаме среќа што поголеми циклони поминуваат ретко на овдешните подрачја, инаку ќе имаше потоп од библиски размери. Доколку вчерашните обилни врнежи траеја неколку минути подолго, најурбаните делови од градот ќе беа целосно под вода.

Дополнително, форсираното градење и неконтролираната градежна урбанизација за лични интереси доведуваат до оптоварување на повеќе сегменти, вклучувајќи ја и канализациската мрежа што и така е цела крпеници и додавки по масовното градење по земјотресот во „лошиот“ социјалистички режим од каде сеуште гледаме благодети. Покрај тоа, неретко се штеди на материјал и жално е што има прокапувања во станбените објекти, на штета на обичните граѓани.

Кулминацијата на сите овие недостатоци во „работењето“ на претходните народни избраници, вчера на територија на општина Гази Баба се виде во новоотворениот Skopje East Gate Mall, каде има големи материјални штети, но, најстрашно од се е што имаше огромни ризици по здравјето и безбедноста на вработените и посетителите во текот на вчерашниот ден. Тоа претставува уште еден доказ дека градежни дозволи и дозволи за пуштање на објект во промет се даваат под сомнителни основи. Недозволиво за објект изграден во 2021 година, што треба да биде по сите врвни стандарди.

Очигледно е дека човечкиот живот во очите на капиталистите нема значително значење и поради тоа, тие идеологии и вредности треба да бидат искоренети. Левица со својата идеологија е секогаш на страна на обичниот граѓанин.

Левица – Гази Баба ги повикува жителите на општина Гази Баба да ги соопштат проблемите во нивното подрачје и да не контактираат, а ние ќе дадеме се од себе тие проблеми да ги изнесеме артикулирано и најбитно од се, да изнајдеме решение за истите.