АктуелноИнтернационално

Забранувањето влез на Руси во ЕУ е само продолжување на анти-руската политика што ја води Унијата

Високиот претставник за надворешна политика на Европската унија, Жозеп Борел, синоќа изјави дека целосната забрана за влез на Русите, односно државјаните на Руската Федерација во Унијата „не е добра идеја“, по медиумските извештаи дека земјите-членки се подготвуваат да го суспендираат визниот договор со Москва.

Не сум за запирање на издавањето визи за сите Руси, изјави Борел во интервју за австриската телевизија ОРФ. Тој рече дека не верува оти прекинувањето на контактите со руските цивили ќе донесе позитивни резултати. Нагласи и дека не верува оти ваквата идеја ќе ја добие потребната едногласна поддршка меѓу земјите – членки.

Борел додаде дека веројатно некои процедури за издавање визи за одредени групи Руси треба да се ревидираат, но, ја отфрли целосната забрана за влез на Руси во ЕУ.

Мораме да бидеме селективни, не можеме да преземеме сеопфатна мерка – рече тој, изразувајќи уверување дека министрите за надворешни работи на ЕУ кои треба да се состанат следната недела, ќе прифатат балансиран пристап.

Идејата за ограничување на влез на руски туристи во ЕУ се појави неодамна, откако Русите патуваа на летен одмор преку соседни земји на ЕУ.

Виза издадена од која било земја овозможува пристап без пасош до сите 26 членки на Шенген зоната.

„Фајненшл тајмс“ претходно јави дека земјите-членки на ЕУ се подготвуваат да го суспендираат договорот за визно олеснување со Русија од 2007 година поради случувањата во Украина, што е продолжување на анти-руската политика и политиката на санкции која ја води ЕУ.