Левица Куманово: Без никаква најава укинати возовите Скопје – Куманово

  • Реакција на Левица – ЛО Куманово

Жителите на Куманово подолго од месец дена се без железнички превоз! Ваквата пракса во градот трае од 22 јуни годинава кога се укинати сите возови во утринските и попладневните часови. Станува збор за возови најчесто користени и во голема мера неопходни за патниците од селата: Речица, Романовце, Табановце, Агини Село, Илинден, Маџари, Дељадровце и Миладиновци. 

Сериозноста на проблемот се зголемува поради фактот што самите патници не добиле никакво известување за прекинот на оваа возна линија, а патниците освен што се оставени без превоз (најчесто до нивните работни места). Дополнително ниту надоместокот за купените месечни карти кои не им е вратен, со што се оштетени уште од една страна.

По поскапувањето на автобускиот превоз, патувањето со воз стана еден од најкористените видови на транспорт за Кумановчани. Прекинот на железничката линија претставува сериозен удар за семејните буџети на луѓето со најниски примања кои заедно со студентите најчесто го користат овој вид на транспорт

Состојбата мора да биде регулирана и жителите да продолжат со користење на железничкиот превоз во најскоро време, затоа што голем број од работниците кои патуваат секојдневно со воз на работа, трошокот за патување енормно им се зголемува што во време на економска криза дополнително ги става во незавидна ситуација.

ЛО – Левица Куманово апелира до надлежните институции  што поскоро да ги преземат на соодветни мерки и воведување на возен ред кој што за жал, на градот видно му недостига. Не смее да се дозволи жителите на Куманово во време на инфлација да се соочуваат со дополнителни трошоци!